Поранешната најплатена манекенка во светот, Наоми Кембел, доживеала непријатно искуство на аеродромот во Софија. Вработена на аеродромот ја замолила познатата манекенка да се тргне на страна за посебно да ја прегледа.
Наоми остана во Бугарија поради модните снимања, а смета дека причината за нејзината посебна дополнителна проверка е расизмот. Странските медиуми цитираат извор кој вели дека Наоми била многу вознемирена кога се случил немилиот инцидент.
“Беше многу вознемирена. Целиот инцидент многу ја вознемири. Се радуваше на возбудливо снимање во Софија, но немилиот настан ја засени работата”, рекол еден од нејзините пријатели.
Расното профилирање се однесува на сомнеж, таргетирање или дискриминација на лице врз основа на неговата/нејзината етничка припадност, религија или национално потекло, а во последниве години се користи во случаи на стереотипни претпоставки за бојата на кожата на лицето.
Наоми Кембел веќе имаше непријатно искуство на аеродромот Хитроу кога била спроведена од аеродромот со лисици по жестоката расправија со полицијата. Тогаш кружеше верзија на приказната за тоа како познатата манекенка се налутила кога член на кабинскиот екипаж и рекол дека нејзината чанта не е спакувана во авионот бидејќи е претешка.