Бугарите денеска избираат ново Народно собрание

Од:

Граѓаните на Бугарија со право на глас денеска ќе излезат на вонредни парламентрани избори, кои беа распишани по оставката на Владата на Бојко Борисов во февруари, иницирана од масовните граѓански протести против поскапувањето на електричната и топлинската енергија и корупцијата во државата.

За учество на изборите во бугарската Централна изборна комисија се регистирани вкупно 63 партии, од кои 27 формираа осум предизборни коалиции, додека останатите ќе настапат самостојно.
Главно прашање сепак е дали неделните избори ќе донесат некаква промена во политичкиот спектар, имајќи предвид дека главната изборна битка се води меѓу двете водечки сили и во досегашниот состав на Собранието – популистичката десно-центристичка партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Борисов и Бугарската социјалистичка партија (БСП) на Сергеј Станишев.
Според последните анкети на јавното мислење, ГЕРБ може да очекува меѓу 22 и 24 отсто од гласовите, а социјалистите 17 до 18 проценти.

На третото место би требало да се пласира партијата на бугарските Турци – Движењето за права и слободи (ДПС), кое може да се надева на шест до седум отсто од гласовите. Четирипроцентиот изборен праг, според анкетите, ќе го мине само уште националистичката партија Атака, која ужива поддршка на пет до шест проценти од гласачите.

Од останатите партии, најблиску до изборниот праг е конзервативното Движењето „Бугарија на граѓаните“ (ДБГ) на Меглена Кунева, на која анкетите и даваат подршка од нешто под четири отсто, додека сите останати политички сили, според испитувањата на јавното мислење, се далеку од влез во Парламентот.

Новина на овие избори е тоа што за првпат по 23 години плурализам во земјата, ДПС добива посериозна конкуренција во борбата за гласовите на бугарските Турци во новоформираната Народна партија „Слобода и достоинство“ (НПДС). Иако, според анкетите НПДС највероајтно нема да го мине изборниот праг, таа сепак ќе земе дел од традиционалните гласови на ДПС, со што бројот на пратениците Турци во новиот парламентарен состав се очекува да биде помал од досегашниот.
Анкетите покажуваат и дека одѕивот на изборите ќе биде меѓу 55 и 60 проценти.

Во голема мерка валканата предизборна кампања мина во сенка на аферата на прислушување на повеќе водечки политичари од страна на безбедносните служби во последниве неколку години, како и со шесте случаи на самозапалувања, од кои три беа проследени со истакнување на политички барања, а при другите три како мотив беа наведени очајот и сиромаштијата.

Аналитичарите проценуваат дека очекуваниот распоред на силите во идното Народно собрание не дава надежи дека ќе биде можно да се спроведат реформите што ги бараа учесниците на февруарските протести за искоренување на корупцијата и ограничувања на моќта на монополските услужни компании и на политичко-партиските елити.

Би можело да ве интересира

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

Катерина Ѓуровски

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?

ДУИ повикува на исполнување на обврските од Преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени