Граѓаните на Бугарија кои живеат во земјата и во странство утре ќе гласаат на четврти парламентарни избори во последниве 18 месеци, од кои три беа предвремени и само едни редовни, јави дописникот на МИА од Софија.
Професорката по уставно право на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Наталија Киселова коментира дека во изминатите триесет дена немало изборна кампања или ако имало била многу слаба. Причина за тоа е заморот на Бугарите, кои толку често да се појавуваат пред гласачките кутии.
Според податоците на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК), во битката за места во 48. Народно собрание на Бугарија ќе учествуваат 29 партии и коалиции. Ова ќе бидат трети парламентарни избори, кои ќе се спроведат со 11.013 машини, од кои 539 ќе бидат во странство. За изборите се испечатени 7.963.400 хартиени гласачки ливчиња. Од нив, 710.000 се планирани и испратени за бугарските државјани во странство. Како што соопшти членот на ЦИК, Цветозар Томов на брифинг во петокот, ќе се гласа на 11.636 избирачки места во земјата. Од нив, 9.369 се со машини, од кои 1.105 се по две. На 2785 избирачки места ќе се гласа со гласачки ливчиња.
Право на глас имаат 6.602.990 граѓани на Бугарија запишани во избирачките списоци.
За 240 места во Народното собрание во Бугарија се пријавени 6.624 кандидати за народни пратеници. Од нив, 1.954 се за жени, а 4.670 за мажи. Утрешните парламентарните избори ќе ги следат три меѓународни организации со 212 набљудувачи, како и 18 локални и национални организации со над 1000 набљудувачи.
Според аналитичарот Тихомир Безлов од Центарот за истражување на демократијата, постојат неколку сценарија за состојбите по предвремените избори во Бугарија. Прогнозите за формирање стабилна влада во Бугарија по изборите се песимистички. Изборите се спроведуваат во сложени меѓународни случувања и војна во близина на границите на Бугарија, енергетска и економска криза, па можниот политички развој на настаните е многу нејасен.
Според Безлов, меѓу 40 и 45 отсто е веројатноста да се формира експертска влада во Бугарија, која би можела да работи една година. Според анкетите, во следниот Парламент најверојатно ќе влезат шест политички формации – ГЕРБ-СДС, Продолжуваме со промените (ПП), БСП, ДПС, Преродба и Демократска Бугарија. Некои агенции прогнозираат дека очекуваниот слаб одѕив на гласачите може да го зголеми бројот на субјекти во следниот парламент на седум, па дури и на осум. Постојат две партии околу кои може да се формира владејачка коалиција. Првата е Продолжуваме со промените на Кирил Петков, кон која би се придружиле Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија. Сепак, според последните анкети, оваа опција нема да има доволен број пратеници за парламентарно мнозинство (121).
Втората можна коалиција е околу партијата на Бојко Борисов – ГЕРБ, која веројатно лесно ќе добие поддршка од Движењето за права и слободи (ДПС), ако биде побарана. Меѓутоа, проблемот е што ГЕРБ не би влегла во отворена коалиција со ДПС. Дури и ако двете партии успеат значително да ги зголемат своите гласачи на 2 октомври, коалицијата ризикува да предизвика брзи улични протести во Бугарија уште пред да започнат очекуваните кризни состојби во енергетиката и економијата. Некои набљудувачи не го исклучуваат вклучувањето на националистичката партија Преродба во коалицијата ГЕРБ-ДПС. Но, никој од ГЕРБ или ДПС официјално не сака да соработува со Преродба, а тоа важи и за оваа партија, која вели дека единствен коалициски партнер за нив е бугарскиот народ. Според политичките аналитичари, Преродба може да игра по примерот на партијата Атака во времето на Владата на Пламен Орешарски (2013-2014 година), кога обезбедуваше мнозинство за ГЕРБ и ДПС.
Во моментов ситуацијата е таква што ниту ПП, ниту ГЕРБ не се расположени да учествуваат во заедничка влада. ГЕРБ би сакала да владее со Демократска Бугарија, но тоа е речиси невозможно. ПП, од друга страна, не би си дозволила да владее заедно со ДПС, а уште помалку со антиевропската и националистичка Преродба. Исто така, Продолжуваме со промените не би сакала да ја споделува власта со ГЕРБ додека Бојко Борисов е на чело на партијата. Според Петков, Борисов и Движењето за права и слободи се „симбол на корупцијата во Бугарија“. Последиците од овие противречности даваат причина да се очекува дека на почетокот на 2023 година би можеле се одржат нови предвремени избори. Според Безлов, кризите околу Бугарија поради руската воена инвазија на Украина, економската и енергетската криза бараат компромиси.
Не е исклучено да се бара формирање на привремена експертска влада. За ГЕРБ ваквата опција е дел од нивната предизборна стратегија. Еден од лидерите на ПП – Асен Василев, во последните изјави рече дека Бугарија мора да има функционално Народно собрание за да го донесе буџетот на државата.
Сепак, оваа опција зависи од многу непредвидени ситуации. Работите ќе зависат од состојбата со војната во Украина и енергетската криза во Бугарија и засега не може да се каже како тоа ќе се одрази на политичкиот живот во земјата. Тогаш притисокот врз политичките партии во Парламентот да формираат влада може да биде многу посилен.
Според Безлов, Продолжуваме со промените може да се појави како фактор од кој зависи дали ќе има или не нови предвремени избори во Бугарија. Но, главниот ризик со кој се соочува ПП е дека ако повторно не се формира влада, а тие изгледаат како јасен противник за нејзиното формирање, ризикуваат да влезат во улогата на партијата на Слави Трифонов – Има таков народ, и гласачите да ги казнат на следните избори. Секој од големите политички субјекти стравува. Проблемот за ДБ е што се плашат да не го изгубат електоратот во корист на ПП со учество во влада со ГЕРБ и ДПС, а БСП стравува да не ја изгуби следната можност да учествува во коалиција со Продолжуваме си промените и Демократска Бугарија. Многу е веројатно дека ДБ и БСП повеќе би сакале да бараат заедничко учество во влада отколку поединечно.
Ситуацијата во Бугарија изгледа доста комплицирана, како ќе изгледа по 2 октомври е рано да се каже, но едно е јасно, дека политичката опозиција повеќе ќе создава пречки и проблеми отколку можности за стабилност и просперитет.