Бугарија ќе одвои 1,5 милијарди евра за инвестициски проекти согласно Планот за закрепнување и одржливост

Од:

Откако владејачката коалиција во Бугарија, по неколкунеделни спорови, одлучи да одвои средства за финансирање на патни проекти според нов механизам, шансите за инфраструктурни проекти значително се зголемија.

Владејачката партија во Бугарија „Продолжува промената“ им предложи на останатите коалициони партнери и на „Има таков народ“ што го држи ресорот во владата веднаш да се дадат 50 отсто од 250 милиони евра и да почнат со реконструкција на патиштата во Бугарија. а останатите средства да одат преку комисија за проверка на склучените договори од пред неколку месеци во периодот кога ГЕРБ управуваше со Бугарија. Разрешувањето на ова прашање реши еден од најголемите политички ризици за опстанокот на владата во Бугарија.

Заедно со овие средства, сепак, Бугарија ќе инвестира речиси 3 милијарди лева (1,5 милијарди евра) во својот градежен сектор за спроведување на различни инвестициски проекти поврзани со Планот за закрепнување и одржливост.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, ова го соопшти вицепремиерот на Бугарија Гроздан Караѓов на форумот „Инвестициски проекти“, дискусијата ја организираше софискиот медиум „Стандард“ во партнерство со Министерството за регионален развој и јавни работи, Комората на градежници во Бугарија, Комората на архитекти во Бугарија и весникот Строител (Градител), која се одржа пред Велигденските празници.

Гроздан Караџов истакна дека најголем дел од средствата од Планот – близу 1,5 милијарди лева (760 милиони евра) ќе бидат наменети за енергетско реновирање на станбените згради во Бугарија поврзани со намалување на потрошувачката на енергија и подобрување на нивната состојба. До 2026 година проектот предвидува реновирање на повеќесемејни станбени згради со вкупна површина од над 3,6 милиони квадратни метри Целта е да се постигне најмалку 30 отсто заштеда на енергија во зградите и минимум класа „Б“ на енергетска потрошувачка. Досега со средства од буџетот на Бугарија, преку Националната програма за енергетска ефикасност на повеќесемејни станбени згради, се обновени 1944 згради со над 130.000 станови со близу 11 милиони квадратни метри површина и над 276.000 жители. Политиката за енергетско обновување на станбениот фонд во Бугарија ќе се продолжи преку финансирањето предвидено во Планот, но преку трансформација на постоечкиот модел на финансирање, додаде Караџов.

За таа цел ќе има две фази на аплицирање и здруженијата на сопственици ќе бидат поделени во две групи. За првата рокот е до март 2023 година, со 100 отсто неповратна финансиска помош за обнова. Периодот за аплицирање за втората група ќе биде од април 2023 година до декември 2023 година, бидејќи грантот за активности за реновирање овде ќе биде 80 проценти, а останатите 20 отсто ќе бидат самоучество на здруженија. Покрај директните еколошки придобивки, се очекува имплементацијата да има позитивно влијание врз економскиот раст на Бугарија, иновациите, конкурентноста, отворањето работни места, намалувањето на енергетската сиромаштија.

Уште речиси 730 милиони лева (360 милиони евра) од Планот се предвидени за енергетско реновирање на јавни и деловни згради. Од нив, околу 444 милиони лева (222 милиони евра) се наменети за јавни згради од државен и општински имот во Бугарија, вклучувајќи ги административните и јавните служби, културата и уметноста, спортот и локациите во сопственост на Бугарската академија на науките.

Приближно 282 милиони лева (141 милион евра) ќе бидат финансирани мерки за одржливо енергетско ефикасно реновирање на згради од областа на производството, трговијата и услугите на микро или мали, средни и големи претпријатија во земјата. Според бугарскиот министер за регионален развој, веќе е започната работа на подготовка на условите за аплицирање за енергетско обновување на станбениот и нестанбениот градежен фонд.

Со 100 милиони лева (50 милиони евра) во 40 урбани општини во Бугарија се планира да се спроведе пилот-шема за поддршка на одржлива урбана мобилност. За таа цел, ќе се спроведат мерки за развој на еколошки, безбедни, функционални и енергетски ефикасни транспортни системи. Планирано е да се испорачаат тролејбуси со нулта емисија и автобуси за градски и меѓуградски јавен превоз во различни делови на Бугарија. За нив ќе бидат изградени станици за полнење и ќе се имплементираат интелигентни транспортни системи за подобрување на ефикасноста на јавниот превоз.

Регионалниот министер на Бугарија Гроздан Караџов информираше дека се предвидени 471,6 милиони лева (235 милиони евра) од Планот за изградба на 13 пречистителни станици за отпадни води во Бугарија.

Заложени се и средства за воведување современи технологии во инвестицискиот процес. Ќе се создаде систем за „Градежно информациско моделирање во инвестициско проектирање“ со над 9 милиони лева. Над 3 милиони лева (1,5 милиони евра) ќе бидат инвестирани во изградбата на „Унифициран информациски систем за структурата на Бугарија“.

Гроздан Караџов истакна дека паралелно со проектите што ќе се финансираат со Планот за закрепнување и одржливост, се завршуваат и проектите од Оперативната програма „Региони во раст“ и Програмите за територијална соработка за периодот 2014-2020 година. Тој беше дециден дека претстои многу работа на сите програми и проекти. Потребна е добра мобилизација на градежните компании и администрацијата, на бизнисот во Бугарија, за да се постигнат целите во Планот и успешно да се реализираат, категоричен беше бугарскиот министер за регионален развој Гроздан Караџов.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Последиците од договорите со Грција и Бугарија се евидентни и сѐ уште не им се гледа крајот, вели Попов

Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

Катерина Ѓуровски

Пратениците во новиот бугарски парламент не се договорија за претседател

Борисов: Победата на ГЕРБ-СДС е дефинитивна, се обврзавме да формираме влада

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар

„Еуроњуз“: Зошто обновените тензии со соседите ја закочија Северна Македонија во ЕУ?