Бугарија и официјално ја осуди „непријателската“ пропаганда во дел од политичката јавност во Велика Британија, против бугарските имигранти и „нивниот наплив“ по 1 јануари 2014 година.
Во интервју за британската телевизија Скај, бугарскиот амбасадор во Лондон, Константин Димитров рече дека неговата земја „остро се спротивставува на создавањето непријателска атмосфера“ во британската јавност, низ пропагандата на Партијата за независност на Обединетото Кралство (УКИП).
Реакцијата на амбасадорот доаѓа по појавувањето на официјалните пропагандни материјали на УКИП за делумните локални избори за општинските совети во Велика Британија, во кои гласачите се заплашуваат од „ударот што ќе го предизвикаат Бугарите и Романците врз домашниот пазар на трудот и врз социјалните бенифиции за британските државјани“.
Во пропагандните материјали кои се дистрибуираат по домовите, УКИП предупредува дека по укинувањето на досегашните ограничувања за имигрантите од Бугарија и Романија, што завршуваат на 1 јануари 2014 година, многу имигранти од овие две земји ќе имаат слободен пристап за да бараат и добиваат работа и за да ги користат предностите на британскиот социјален систем, отежнувајќи им ја ситуацијата на домашните семејства кои се мачат во овие тешки времиња.
Амбасадорот Димитров вели дека ваквата пропаганда е неприфатлива.
– Ваквиот однос (на УКИП) не го одразува расположението на мнозинството Британци кон Бугарите кои живеат и работат во Велика Британија, но ова што се прави е разочарувачко и дискриминиторско, вели за Скај бугарскиот амбасадор во Лондон.
Претставник на УКИП одби да се извини за својата пропаганда, објаснувајќи дека станува збор за сериозно прашање, како и дека партијата делува во интерес на многу Британци, загрижени за својата иднина.
УКИП е десноцентристичка партија која нема ниту еден паретник во британскиот Парламент, но е застапена во локалната самоуправа и во Европскиот парламент. Таа е изразито евроскептична, заговара напуштање на ЕУ и се противи на „нов наплив“ од странци од Источна Европа во Велика Британија, како оној забележан во 2004 година, по проширувањето на Унијата.