Истра, која многу луѓе ја нарекуваат перјаница на хрватскиот туризам, имаше полош јули од ланскиот. Поточно, Ровињ, Умаг и Пореч бележат пад во два параметри, во бројот на гостите и ноќевањата и тоа во солиден процент во однос на истиот период лани.
Слично е и на Кварнер, а дестинациите како Сплит и Дубровник бележат раст.
Традиционално најпосетен е Дубровник: овој јули градот бележи осум отсто повеќе гости и седум отсто повеќе ноќевања, а тоа го става меѓу шампионите на хрватскиот туризам. Умаг бележи 13 отсто помалку гости и 12 отсто помалку ноќевања. Ровињ три отсто помалку гости, девет отсто помалку ноќевања. Пореч шест отсто помалку гости, осум отсто помалку ноќевања.
Меѓутоа, Пула има шест отсто повеќе гости од лани, но бележи пад во ноќевањата од три отсто, значи гостите покусо се задржуваат. Со други зборови, имале причина да дојдат, но не и да останат подолго. Веројатно посетиле одредени настани и набрзо ја промениле локацијата. Директорот на Туристичката заедница на Пореч Ненад Веленик, не крие дека јули бил послаб од очекувањата.
Јулската дупка?
– Би навел три причини како пример: католичките празници како неработни празници оваа година паднаа многу доцна во јуни. Многу гости тие денови ги споија со викендите и ги посетија Пореч и Истра, а тоа нужно доведе до пад на почетокот на јули. Веќе се потрошија и повторно не дојдоа. Втора причина се неповолните временски прилики, тие посебно влијаеа на намалениот промет во камповите. Камперите едноставно се откажуваат кога ќе видат дека ќе следи дожд и ветер – вели Веленик.
Третата причина, вели тој, лежи во фактот дека конкурентските земји кои последните години бележат падови во туризмот, како Грција и Шпанија, оваа година ги корегираа цените, па гостите од германскиот пазар отидоа на нивните брегови.
– На нас германскиот пазар ни е од пресудно значење, дури 23 отсто гости доаѓаат од таму. Нашите хотелски куќи кои се еластични и кои брзо ги корегираа цените следејќи ги Грција и Шпанија, успеаа да избегнат пад на ноќевањата. Модерниот туризам е многу променлив, тој се сведе на ласт минит букинг, околу 30 отсто гости во последен момент се одлучуваат за дестинација прекуbooking.com. Туристичките куќи кои знаат тоа да го следат преку цените, ќе успеат да ја избегнат јулската или која било друга дупка. Во спротивно тешко – смета Веленик.
Во Пула сепак се задоволни од поголемиот број на пристигнати гости.
Нов фестивал
– Некој што одел на годишен одмор во јуни, не доаѓа во почетокот на јули. Тоа не е ништо загрижувачко, во туризмот осцилациите се многу природни. Во првото полугодие на оваа година Пула имаше 19 отсто повеќе гости, а раст забележавме и во јули. Зошто?
– Не нудиме само сонце и море туку повеќе манифестации и фестивали. Луѓето денес ги следат ниско тарифните авионски компании, кога гледаат дека некаде нешто се случува, одат го посетуваат настанот и продолжуваат да патуваат. Тоа се туристите на новото време, а Пула го држи чекорот со нив – вели Сања Цинкопан Коротај, директорка на тамошната туристичка заедница.
Слично е и на Кварнер.
Туристичките градови како Опатија, Раба, Мали Лошињ и Нови Винодолски, сите бележат пад во бројот на гостите и ноќевањата во однос на ланскиот јули. Опатија четири отсто помалку гости, седум отсто помалку ноќевања. Нови Винодолски шест отсто помалку гости, 11 отсто помалку ноќевања, Раб дури 14 отсто помалку гости и девет отсто помалку ноќевања, Мали Лошињ 11 отсто помалку гости и осум отсто помалку ноќевања. Дождот, лошиот календар со празниците, кризата… сето тоа влијае на чувствителната гранка како што е туризмот, воздивнуваат во локалните туристички заедници.
Сузи Петриќ директорка на ТЗ Опатија вели дека и повеќе од очигледно е дека овогодишниот јули е послаб во однос на ланскиот.
– Оваа година доцна падна Велигден, со самото тоа празниците во јуни кај нас гостите ги посетија во поголем број, спојувајќи ги викендите. Затоа не дојдоа во јули. Освен тоа, во многу делови на Германија, наш најголем пазар, се уште трае училишната година. За жал, дождливиот јули не ни беше наклонет – вели Петричиќ.
Одлични Задар и Сплит
Сепак, задоволно додава, Опатија бележи еднаков број на ноќевања како лани, 532.000 и 1 отсто повеќе гости. Јунската дупка е дел од статистиката, а знаеме дека статистиката е таква, вели директорката.
Јулската дупка успеаја да ја избегнат некои туристички центри во Далмација. Поточно кажано, поголемите градови беа добро посетени, како што се Задар, Сплит и Дубровник, кои бележат поголем број на гости и ноќевања во однос на ланската година. Задар има 12 отсто повеќе гости и шест отсто повеќе ноќевања од лани. Во Туристичката заедница во Шибеник не работеше компјутерот па не ги знаеја ни податоците, додека во Сплит се пофалија со 3 отсто повеќе гости и 9 отсто повеќе ноќевања во однос на ланскиот јули.
– Оваа и ланската година не можат да се споредат, ние не почувствувавме никаква јулска дупка – потенцира Алијана Вукшиќ, директорка на ТЗ на Сплит. Туристичките аналитичари велат дека Сплит феноменално го организира фестивалот на електронска музика Ултра Европа и на тој начин привлече гости пред масовното одење на годишни одмори.
Раст на пристигнати гости
Градовите Хвар и Корчула на нивните острови не сакаа да дадат податоци, додека на Бол на островот Брач е забележаној четири отсто повеќе гости од лани во истиот месец, но и 3 отсто помалку ноќевања.
– Бројот на гости е ист и ние не ја чувствуваме дупката, меѓутоа потфрли хотелското сместување. Хотелите имаа 2700 ноќевања помалку од лани, потфрлија и таа дупка повеќе не можат да ја надоместат – велат во болската Туристичка заедница.
Традиционалните семејни плажи како Макарска исто така забележаа пад. Макарска има четири отсто помалку гости и еден отсто помалку ноќевања.
Коментар на Давор Бутковиќ: Ова се последици од застарениот туризам
Дубровник, кој е најскапа хрватска дестинација, со најмногу луксузни хотели и оваа година бележи значаен раст на туристичкиот промет. Сплит, кој пак не располага со луксузни хотели, исто така бележи раст: тој се профилира како град, кој со ултра улична атмосфера, но и се подобрата гастрономска понуда, прецизно го спојува глобалното и локалното.
Ни Задар не страда од кусок на туристи. Меѓутоа, проблемите почнуваат на север. Над Кварнер со туризмот со години се надвива непријатна сенка на губење на пари бидејќи целосно е недифиниран. Неодамна во Опатија, еден од најубавите хрватски градови, се одржа прослава за 170 годишнина на туризмот. Главниот лик на прославата, верувале или не, беше царот Фрањо Јосип.
Е сега, ако било кој смета дека на Јадранот ќе се зголеми туристичкиот промет и ќе доведе до поголем број на гости, фалејќи се со австроунгарска костимографија, длабоко греши.
Многу е јасно дека Опатија и цел Кварнер мора драстично да се модернизираат и дека мора да се насочат кон специфичните туристички понуди: од гастрономијата, казината, па се до луксузно хотелско сместување.
Кварнер го изгуби препознатливиот и атрактивен туристички идентитет, а без идентитет нема нови гости.
Штета што Истра полека го губи имиџот на хрватска Тоскана. Во Истра повеќе нема врвна гастрономија, постојат само три големи хотели кои заслужуваат пет ѕвезди, а локалните заедници често се однесуваат целосно противтуристички: од работи на патиштата среде сезона па до фактот дека Пореч немаше храброст да затвори ресторан во кој келнерите претепаа гостин. Времето и растот на грчкиот туризам можат да се користат како изговори за намалениот број на гости, кој ни се случи во јули. Меѓутоа, фактите зборуваат дека јулските проблеми се случија пред се во непрофилирани и застарени туристички региони, додека на оние јасно дефинираните и во дождливи месеци им оди повеќе од добро.