Европската комисија и нареди на својата земја-членка Кипар да обезбеди да се врати помошта што е дадена на нејзиниот национален авиопревозник “Кипар ервејс”, јави дописникот на МИА од Брисел.
Според официјалното соопштение на Еврокомисијата, длабоката истрага што ја извршил официјален Брисел, покажала дека пакетот-помош за реструктуирање на долг од над 100 милиони евра за кипарскиот авиопревозник во криза и дал на компанијата несоодветна предност над своите конкуренти и предизвикал прекршување на правила за помош од ЕУ за држава-членка.
Токму затоа, „Кипар ервејс” треба да ја врати целата неспоива помош што ја доби. Особено, Комисијата утврди дека овој авиопревозник немал реална перспектива да стане одржлив и да продолжи без државни субвенции. Комесарот за конкурентност на ЕУ, Маргрет Вестагер, истакна дека „Кипар ервејс” има добиено големи количини на јавни пари од 2007 година, но не успеал да се преструктуира и да стане одржлив и да продолжи без државната поддршка.
– Затоа, инјектирањето дополнителни јавни пари само ќе ја продолжи борбата без да се постигне пресврт. Компанијата треба да биде профитабилна врз основа на сопствените заслуги и нивната способност да се натпреварува на пазарот, а не може и не треба да се потпира на парите на даночните обврзници за да остане вештачки на пазарот, истакна еврокомесарката Вестагер.