По две одлагања денеска Советот на ЕУ го одобри буџетскиот план за закрепнување на Бугарија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Овој план е дел од Фондот за закрепнување на ЕУ создаден за ублажување на последиците од кризата со Ковид-19 во земјите членки.
Бугарија својот нацрт план го поднесе наесен 2021, но неговото одобрување беше одложено два пати од страна на Европската Комисија.
Денеска министрите за економија и финансии на ЕУ дадоа зелено светло за Бугарија, но и за Шведска, со што овие две земји од сега ќе можат да ги користат средствата од Фондот согласно нивните поднесени буџетски планови.
Планот на Софија се состои од 6,3 милијарди грантови. Бугарија планира 58,9 отсто од планот да го искористи за постигнување на своите климатски цели преку забрзување на декарбонизација на енергетскиот сектор, подобрување на енергетска ефикасност на приватните и државните згради и развој на одржлив транспорт. 25,8 отсто од планот ќе бидат искористени за дигитализација на јавната администрација и развој на мрежите во земјата.
Извор: МИА