Европската Унија изрази разочарување од одлуката на Централната изборна комисија во Приштина да не сертифицира две српски политички партии за учество на претстојните локални избори во Косово, закажани за 12 октомври.
Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во соопштението наведува дека „инклузивната природа на изборите е од клучно значење за идните односи меѓу Косово и Европската Унија“.
„На политичките партии што ги исполнуваат условите пропишани со закон мора да им се дозволи учество на изборите, а на избраните претставници мора да им се дозволи да ја преземат функцијата, врз основа на слободен, фер и инклузивен процес“, изјави портпаролот на ЕЕАС.
Европската Унија очекува надлежните институции да обезбедат процесот на сертификација, вклучително и евентуалните жалби, да биде во согласност со „Уставот на Косово“, Законот за општи избори и принципите на владеење на правото.
„Секое исклучување на политичките актери е спротивно на основните принципи на демократско учество на сите заедници во изборниот процес. Ќе продолжиме внимателно да го следиме развојот на ситуацијата“, соопшти ЕУ.
ЦИК во Приштина во четврток не го одобри учеството на Српска листа, а двајца членови на движењето Самоопределување гласаа против нејзиното сертифицирање. Одлуката беше оспорена во петок пред Комисијата за изборни приговори и жалби, при што Српска листа објасни дека направила сè што е потребно за да ги потврди своите кандидати за градоначалник и советници.
Партијата Српска демократија (СД) исто така поднесе жалба откако ЦИК исто така не ѝ дозволи да учествува на локалните избори.