Бездомничката Фани Ерште ќе се кандидира за претседател на Словенија, бидејќи сака да добие можност „да ја спаси земјата која пропаѓа“.
Ерште, која од 19 години живее на улица, денеска одржа прес-конференција во Љубљана, на која изјави дека државата тоне и треба нешто да се смени. Таа соопшти дека ќе се кандидира за шеф на државата на претстојните избори на 11 ноември.
За да учествува во трката за претседателската функција како независен кандидат, Фани треба да собере доволен број потписи од граѓани. Бездомничката верува дека граѓаните ќе ја поддржат, а на изборите и ќе гласаат за неа, бидејќи многу луѓе ја познаваат.
Ерште планира сама да ја финансира својата кампања, а има и „донатори“ кои се подготвени да и помогнат.
Во својата програма Фани Ерште вети дека ќе се заложи за проблемите на Ромите, за општествената нееднаквост, социјалните прашања, здравството, странските државјани и олигарсите.