Бегалците од Косово: насамарени и изгубени

Од:

Дојче веле – Бон

Повеќе од 18.000 Косовци стигнале до Германија во последните два месеца. Се надеваат на подобар живот иако во јануари биле прифатени само 0,3 отсто од нивните барања за азил. Многу се жалат што воопшто тргнале на пат.

Малата Аурора постојано кашла. Дете на две години го мачи силна настинка. Мајката Зоја, во подоцнежна бременост, се обидува да ја смири но ни самата не е мирна. Таткото и сопругот Валдет Брахими се обидува да остане прибран. Само по некоја длабока воздишка и зборови полни со разочарување. – Не лажеа. Да знаев, никогаш не би тргнал навака. Кој лажел? – Многу луѓе на Косово ни рекоа дека во Германија веднаш добиваме работа, документи и куќа во која ќе живееме.

Ова семејство е само капка во море од 170.000 косовски Албанци кои како што се проценува, последните месеци ја напуштиле својата татковина. Тоа се жртви на беда, но и трговци на луѓе и гласини според кои на Запад секој што ќе имгрира веднаш го чека мед и млеко.

– Брутално ме тепаа

Патот кон Унгарија и ветената земја за семејството Брахими почнал на 29 декември. До Суботица одело лесно, со автобус, а таму биле сместени во хотел како и илјадници сограѓани пред нив. 25 годишниот Валдет вели дека таму сретнале шверцери луѓе кои зборувале српски и албански и барала 400 евра по лица за да ги префрлат преку граница. – На крај се согласиле и на 200 евра. Јас сепак се одлучив да ја поминам границата со помош на навигација. По 11 часа пешачење низ шума, семејството стигнало до Сегедин. – Беше ужасно. На крај бевме среќни кога наиде унгарската полиција.

Но среќата брзо спласнала. Биле префрлени во затвор, мажите одвоени од жените. – Во една соба од 100 квадрати имаше најмалку 200 мажи. Најлошо беше што не знаев како е мојата бремена жена и ќерката – вели Валид. Неговата сопруга Зоја додава: – Ние бевме во друга просторија, без кревети, секое дете имаше само по едно кебе. Мојата ќерка цела ноќ плачеше, сакаше вода. Но вратата беше заклучена, немаше нужник ни пелени за дете.

По 24 часа Валдет повторно го видел своето семејство, со зборови се обидел да ја смири сопругата. – Брутално ме тепаа само затоа што разговарав со својата жена.

Единствен излез од затворот беше поднесување на барање за азил во самата Унгарија. Тоа и го направија. Конечно слободни, овие луѓе тргнале во Будимпешта за да фатат воз до Германија. Но, како што тврди Валдет, унгарската полиција тоа не им го дозволила. – Ми пријде еден непознат човек и бараше од мене 2.500 евра да не префрли до Дизелдорф. Ми беше доста од Унгарија. Платив.

Според параграфот 16а…

Од примарниот прифатен центар за баратели на азил во Дортмунд брзо се префрлени тука, во сместување во Хемер. Валдет сега пресметува дека целиот пат со подмитување на разни луѓе го чинел околу 4.000 евра. На тоа бил подготвен кога дома го продал возилото и кравата и дополнително позајмил уште пари. – На Косово за нас нема надеж. Сакам да најдам подобар живот за моето семејство и за мене. Тоа е единствена причина зошто дојдов во Германија.

Тоа на Валдет не е прв престој во западна Европа. Долго живеел во Белгија, а во холандскит Хаг студирал криминологија. Вели дека во 2011 година се вратил на Косово бидејќи сакал да помогне на својата земја. Но, ни светски ценетата диплома од Хаг не му помогнала да најде работа по струката. – Одев до Иса Мустафа, тогаш градоначалник на Приштина, до кабинетот на поранешниот премиер Тачи, се пријавував на секој конкурс за во полиција. Залудно. Работата на Косово останува привилегија на тие со вистински врски или со доволно пари. Валдет немал ни врски ни пари и така завршил меѓу 45 отсто невработени во оваа сиромашна држава.

Сето тоа семејството Брахими го довело до рурското гратче Хемер, каде домот го делат со уште 650 слични на нив, иако предвидениот капаците е за најмногу 500 луѓе. – За сите што се тука тоа е многу стресно – вели директорот на ова прифатилиште Хорст Лабренз. Половина од луѓето тука се од Косово. Уште четвртина од Србија, Албанија, Босна и Македонија. И на сите шансите за азил се еднакво мали. – Тие само штетат на себе. Паѓаат на приказни кои не се реални. Лесно е да се разбере тешката економска состојба на овие луѓе. Но според параграф 16а од Германскиот устав тие не се политички прогонети – вели Лабренз.

Со добро или со сила

Од минатата недела барањата за косовските Албанци се обработуваат по забрзана постапка, за само 14 дена. Се уште не е јасно дали Германската канцеларија за миграција и бегалци ќе успее да го постигне тоа темпо. Но, јасно е дека Косоварите повеќе нема да можат да се надеваат на повеќемесечна социјална помош. Моментално месечно возрасен човек барател на азил добива 354 евра, повеќе од просечна плата на Косово.

Лотар Струнк, советник за миграции во Црвениот крст во Бон затоа ги наведе единствените две опции кои останале на Косоварите чие барање за азил е одбиено: или ќе ја напуштат Германија доброволно или ќе бидат протерани. Во друг случај им се заканува забрана за влез во шенгенскиот простор до пет години.

Ниту една од овие две опции не е остварување на сонот на Валдет. Не знае каде ќе се врати, ако биде протеран. Ја користи можноста сосема лично да се обрати на сонародниците. – Луѓе, не тргнувајте на пат. Ни сами ни со семејството. Тоа е грешка! Ќе доживеете само страшни работи, а нема да добиете ништо. Нема надеж за азил во Германија!

Би можело да ве интересира

Вучиќ: Во Брисел знаат која страна го кочи напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина

(ВИДЕО) Шпанците уапсија нарко-бос од Косово, во рацијата уапсени се 10 лица

Горан Наумовски

Србија повторно ќе испрати барање за враќање на 1.000 српски војници и полицајци на Косово

Предраг Петровиќ

Вучиќ утре ќе се изјасни, на маса и опцијата за прогласување окупација на дел од територијата на Србија

Предраг Петровиќ

Четворица млади Срби на рочиште во северниот дел на Косовска Митровица

Специјалното обвинителство во Приштина го објави обвинението против 45 лица за вооружениот конфликт во Бањска