Европскиот комесар за миграција Димитрис Аврамопулос изрази надеж дека Балканот во блиска иднина и институционално ќе биде дел од европското семејство и најави дека Европол наскоро ќе испрати офицери за врски во регионот на Западен Балкан.
Во авторски текст во беградски „Блиц“, Аврамопулос оценува дека соработката е еден од клучните елементи на новата Европска гранична и крајбрежна стража и тоа е соработка која „не се ограничува само на ЕУ, туку се фокусира на Европа“.
– Било да е под притисок Македонија, БиХ, Албанија или Црна Гора, Европската гранична и крајбрежна стража сега ќе може да понуди дополнителна поддршка за прашањето со управување на границите. И тоа е причина што Европол наскоро ќе испрати офицери за врска во Западен Балкан за да се зајакне соработката и разменат информации за шверц на мигранти, истраги и активности во борбата против териризмот, наведува тој.
Причина е и желбата да се унапреди соработката во врска со спречување нелегална трговија со оружје во регионот.
– Западен Балкан е Европа. Заеднички ни се минатото и сегашноста, а заедничка ни е и иднината. Затоа е толку важно да се обзбедат и чуваат патувањата во ЕУ без визи за целиот западнобалкански регион, нагласи Аврамопулос.
Тој додава дека регионот мора да гледа во иднината.
– Патот може да биде само европски, пат кој води во напредок, просперитет, стабилност и мир. Тоа е вистинска желба и визија на сите народи во тој дел од Европа, нагласува Аврамопулос.