Грчкиот владин портпарол Гаврил Сакеларидис смета дека „созреале условите“ за договор со европските партнери и дека крајниот резултат веројатно ќе биде таков, јавува локалниот портал „њуз.ин“, пренесува БТА.
Владата го направи тоа, што беше должна да го направи, за да најде решение со партнерите и да биде постигнат договор и нема да прифати продолжување на спасувачката програма, истакна портпаролот.
Сакеларидис одби да ги коментира наводите на весникот „Билд“, според кои германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас го известила за негативниот став на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на денешната средба на Еврогрупата.
Според грчкиот владин портпарол, премиерот Ципрас ја известил германската канцеларка Ангела Меркел дека неговата влада направила се што може за да биде постигнат договор, како и за хуманитарната криза со која се соочува Грција.