Покачувањето на цените е главниот проблем што ги загрижува Грците, според двете последни истражувања на јавното мислење спроведени за грчките телевизии „Скај“ и „Опен“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според анкетата на агенцијата „Pulse“ за ТВ „Скај“, спроведена во три дела, пред почетокот на Меѓународниот Саем во Солун, по обраќањето на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и по говорот на лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, 83 отсто од анкетираните рекле дека зголемувањето на цените, за нив е многу или доста важно прашање, а речиси исто толку важно, односно за 82 проценти од граѓаните е енергетскиот проблем.
Најголема загриженост, граѓаните изразуваат за трошоците за електричната енергија, а на второ место е храната.
Во второто истражување на агенцијата „MRB“ за телевизијата „Опен“, 56,2 отсто од анкетираните рекле дека проблемот што во овој момент ги засега е покачувањето на цените.
Согласно резултатите од двете истражувања, владејачката Нова демократија е во предност од 7,5, односно осум процентни поени пред опозициската СИРИЗА.
Истражувањето на „MRB“ за „Опен“ било спроведено од 19 до 21 септември 2022 година со анкетирани 1.000 лица, а анкетата на „Pulse“ за „Скај“ на 8 и 9 септември, од 12 до 15 и од 18 до 20 септември 2022 година.
Во првиот дел биле анкетирани 1.006 лица со право на глас, во вториот дел 1.105, а во третиот 1.012 лица.
Извор: МИА