Американскиот секретар за финансии во посета на Грција

Од:

Во пресрет на очекуваната посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Вашингтон и средбата со американскиот претседател Барак Обама, американскиот секретар за финансии Џек Лу најави дека во недела ќе престојува во Атина, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Според информацијата на Секретаријатот за финансии, Лу во Грција планира да разговара за текот на реформите кои Грција ги спроведува во обид да излезе од длабоката економска криза.

Лу со грчките домаќини ќе разговара и за активностите на Европската Унија за одржување на фискалната стабилност на Грција и за трансформирањето на економијата на државата.

– Претседателот Обама во август ќе се сретне со премиерот на Грција, и затоа јас ќе ја искористам оваа можност да се сретнам со грчкиот премиер и министерот за финансии. Ја следам Грција многу одблиску во изминатите неколку години. Јасно е дека Грција се придвижи во многу важна насока, ги спроведува реформите кои требаше да ги заврши. Им преостануваат уште тешки одлуки и добро е да искористам неколку часа да видиме до каде се, изјави секретарот Лу во разговор за економската агенција Бизнисвик.

На прашањето на новинарот дали очекува, при посетата на Атина, да добие директно грчко барање за економска помош од САД, секретарот Лу одговори одречно.

– Европејците се занимаваат со прашањето на Грција и тоа е пред се европско прашање. Ние остануваме во тесен контакт со грчката Влада, изјави Лу.

Грчките коментатори во САД се надеваат на американско влијание до државите во Европската Унија да се ублажат барањата кои европските држави, пред се Германија, Холандија и Финска, ги поставуваат пред Грција како услов да продолжи да ја добива неопходната финансиска помош.

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит