Американската метеоролошка служба „Акјуведер“ (AccuWeather) објави временска прогноза за пролет 2018 во Европа, во која предупредува на висок ризик од поплави на Балканот поради чести врнежи дожд.
Иако во текот на поголемиот дел од зимата на Балканот е регистрирано помало количество дожд и снег од просекот за овој период од годината, метеорологот Ален Реперт наведува дека невремето од крајот на зимата ќе продолжи и во текот на пролетта.
„Акјуведер“ предупредува дека дождовите и невремето со грмежи ќе доведат до натпросечна количина врнежи во подрачјето од Грција до Романија и Унгарија.
Се предупредува и дека поради слабо подвижните бури, се очекуваат врнежи на овие локации и повеќе денови последователно, што го зголемува ризикот од поплави.
Снег веројатно ќе паѓа на планините и во март, а во април само на највисоките точки, наведува „Акјуведер“ и истакнува дека промената кон поблаго време со дожд заедно со топење на снегот од планините го зголемува ризикот од поплави.
– Поплави поради чести врнежи и топење на снегот од планините се можни во подолг период, што би можело да доведе до доцнење во садењето посеви ширум Балканот, рече метеорологот Тајлер Ројс.
Освен опасноста од поплави, „Акјуведер“ предупредува и на опасност од свлечишта кои можат да загрозат области на Динарските Алпи и балканските планини.
Се наведува дека на Алпите им се заканува ризик од поплави поради големата количина снег после зимата, кој ќе се топи брзо поради благиот воздух и честите врнежи.
Промената кон поблаго и влажно време го зголемува и ризикот од лавини, предупредува „Акјуведер“.