Албанската манекенка Лорена Халити напиша на својот профил на Твитер дека добила забрана за користење на компанијата за превоз „Убер“ поради тоа што за време на едно возење, на возачот, кој бил Србин, му пуштала албански песни.
Возачот упатил жалба до агенцијата за која работи манекенката, во која наведува дека таа според името препознала дека тој е Србин, по што „директно го провоцирала“, пуштајќи албанска музика цело време додека траело возењето. Според возачот, ова не било во ред, затоа што тој коректно и професионално си ја извршувал работата.
Халити, која на социјалните мрежи се претставува како „модел и инфлуенсер“, на Твитер го објави мејлот испратен од возачот до агенцијата и напиша дека нема да остане безгласна, обвинувајќи го Убер дека со забраната што компанијата ѝ ја изрекла без понатамошна истрага, „промовира ксенофобија и етнички расизам.“ Според манекенката, ова е одвратно и не може да се толерира.
No longer staying silent. @Uber your Serbian driver filed a complaint to my employer for simply listening to Albanian music during my ride. You have continued to support Xhenophobia and Ethnic racism by banning me with no further investigation. This is disgusting and intolerable. pic.twitter.com/RpfhWQ6sDe
— Lorena Haliti (@LorenaHaliti) August 4, 2020
Во писмото до работодавачот на Халити, возачот напишал и дека односите меѓу Албанија и Србија и натаму се чувствителна тема, како и дека во војната го изгубил таткото и дека е сигурен дека манекенката уште побргу би се жалела до Убер, доколку тој нејзе би ѝ пуштал српски песни.
„Замислете свет во кој Германец пушта нацистичка музика на еврејски возач. Или во кој личност од Турција му пушта турска музика на возач од Ерменија“, напишал возачот.