Активисти на Движењето самоопределување (ВВ) на вршителот на должноста премиер на Косово Албин Курти излегоа попладнево на плоштадот „Скендербег“ во центарот на косовскиот главен град, на, како што е објавено, „проба за протести“ во случај другите косовски парламентарни партии да формираат нова влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Неколку стотини граѓани одговорија на повикот на групата на Фејсбук именувана „Со премиерот“, која брои над 300 илјади следбеници, и излегоа во центарот на градот, носејќи заштитни маски и одржувајќи социјална дистанца.
Групата објави фотографии и видео од главниот плоштад во Приштина, порачувајќи дека се вршат „проби за протести“ во случај да се формира влада од страна на другите парламентарни партии, предводени од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и неговиот кандидат за премиер, Авдулах Хоти.
Партијата на Курти, чија влада беше урната од Собранието на Косово на 25 март, тврди дека нова влада може да се формира единствено по вонредни парламентарни избори, кои би се одржале откако ќе помине кризата со пандемијата на Ковид-19.
Претседателот на државата, Хашим Тачи, покрена иницијатива за формирање нова влада од страна на актуелниот парламентарен состав, а откако ВВ не одговори на неколкуте негови повици да именува кандидат за нов премиер, на 30 април мандатот го додели на ЛДК, како второрангирана партија на изборите одржани во октомври минатата година.
Партијата на Курти истиот ден го оспори пред Уставниот суд на Косово правото на Тачи да именува нов мандатар, по што судот на 1 мај донесе одлука за мораториум до 29 мај на сите дејствија за формирање нова влада.
ЛДК и нејзиниот кандидат за премиер, Хоти, претходно објавија дека заедно со опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК) на претходниот премиер Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, како и со партијата на косовските Срби, Српска листа и оние на другите немнозински етнички заедници, ги обезебедиле потребните гласови во актуелното Собрание за изгласување нова влада.