Грчкото Министерство за финансии планира да собере околу 2 милијарди евра даноци од сопственици на влогови во странство, објави грчката телевизија SKAI.
Министерот Јанис Стурнарас открил дека околу 22.000 даночни обврзници за време на кризата изнеле во странство големи суми. Министерството испратило до нив известување да се јават во даночната инспекција каде ќе треба да го објаснат потеклото на изнесените пари и да платат казна за можни даночни прекршоци.
Во исто време, Министерството за финансии соопшти вчера дека добило од Франција т.н.. „Листа Лагард“ со имињата на грчките штедачи во швајцарската филијала на меѓународната банка HSBC. Листата предизвика огромен скандал во Грција. Новинарот, кој ја објави неофицијалната верзија на листата беше уапсен за прекршување на Законот за личните податоци.