Зошто планинарењето треба да се воведе како предмет во основните училишта?

Од:

Погледнете околу себе. На улица, во јавниот превоз. На шалтерски редови, трпезариските маси. Во рестораните и парковите. Во училишните клупи. Па дури и на најинтимните места како што се тоалетите или постелата. Што гледате? Така е: екранот на вашиот андроид, таблетите или лаптопите.

А, сега исклучете го екранот, пронајдете го вашиот одраз во него и обидете се да се вратите во детството кога стекнувавте пријатели во парковите и училишта.

Во годините што дојдоа вртологот на модерното време го однесе со себе сето она што дотогаш важеше за нормална и посакувана појава во општеството, ги одзеде од детските раце стапот, ластикот, топката, туркајќи им наместо нив андроди и други паметни уреди и ги убеди дека со нив подобро ќе си играат.

Игрите се претворија во дигитално насилство и неодговорно однесување. Децата често се себични, разгалени и другарите ги избираат спроед тоа каква облека носат и кој модел на телефон го поседуваат. А друштвото и другарувањето ја изгубија својата изворна вредност и значење. Меѓу стотици и илјади „пријатели“ на социјалните мрежи никогаш не сме се чувствувале поосамени.

Но, за нашите деца се уште не е доцна. Свртете ги кон природата и планината.

На планина сите се еднакви

Таму нема место за статусни симболи. По престојот во природа, пријателствата повеќе нема да се мерат според моделот на телефонот или дали патиките се нови или износени, туку по тоа кој кому пружа рака кога треба да се качиме на некоја карпа и по тоа колку насмевки и чувство на среќа предизвикува некоја иста цел – на пример погледот од врвот.

Другарските „врски“ ќе станат нераскинливи

Сетете се на чувството на приврзаност кога првпат во училишниот двор ќе ви пријде другарче и ќе ве понуди со ужина. А сега двојно зголемете го тоа чувство, кога децата на пат кон планина делат храна, вода, го вложуваат истиот напор и заедно доаѓаат до целта – врвот на планината.

Децата ќе научат да се соочуваат со препреките во животот

Кога со ранец на грбот, на минус степени, по снег, мраз и дожд, тие ги уриваат своите психички бариери за успешно да ги совладаат физичките препреки, исто однесување ќе применуваат и понатаму во животот. Со текот на времето кога ќе пораснат пропорционално планинарските предизвици ќе станат поголеми и потешки, а тие ќе можат се подобро да се носат со животот.

Тие ќе станат поодговорни

Планинарењето бара дисциплина, како на телото, така и на умот. Наместо викендот да спијат до пладне, а потоа од лежечка да се преместат во седечка положба пред компјутерот, тие ќе научат да стануваат рано, а претходно сами да си го спакуваат планинскиот ранец и да легнат на време. Ќе го почитуваат и туѓото време и заедничкиот договор.

Ќе бидат поздрави

Планинарењето убедливо е најздрава физичка активност, а фактот дека се одвива во природа на најубавите места, кои можеме да ги замислиме, уште повеќе му дава значење. Планинарењето ќе направи вашето дете да потроши од 350 до 800 калории за еден час во зависност од неговата тежина и темпото со кое се движи. А просечната планинарска тура не трае помалку од четири часа.

Намалување на насилството во училиштата

Можеби „храбро“, но сепак точно тврдење. Планинарењето е активност која во одредена мера ги елиминира потребите да бидеме посилни во однос на другиот и да го совладаме. Ако воопшто може да се одреди целта на планинарењето, а тоа секако не е само стигнување до врвот на планината, туку пред се да научиме да уживаме во пределите кои не опкружуваат, да ги совладуваме природните препреки, но и сопствените слабости. Кога децата заедно работат на совладување на сопствените слабости воедно го зајакнуваат и другарството.

Учење на носење исправни одлуки во вистински момент

Да се вратиме на претпоставката дека целта на планинарењето не е секогаш да се стигне до врвот на планината. Планината го има последниот збор и нејзините закони мораат да се почитуваат. Некогаш лошите временски услови ќе ја одвратат екипата на мали планинари во нивната намера да дојдат до врвот, а тие ќе научат дека тоа не е пораз, туку напротив, способност да се донесуваат исправни одлуки кои нема да го загрозат нивното здравје.

Децата ќе станат систематични, трпеливи во домашните и училишните обврски

Зарем не е така? Од својот искусен водич, а со текот на време и самите ќе стекнат искуство околу организирање акции и претходни подготовки. Самото одење на планина бара испитување на теренот кој се планира да се посети, планирање алтернативни рути, начинот на хидратација, доколку нема изворска вода за пиење, пакување опрема, што понекогаш претставува уметност и многу други работи. Кога ќе дојде ред да се напише домашната или да се средат играчките, тие тоа ќе го направт со дисциплината, кои ја стекнале благодарение на планинарењето.

Децата ќе станат поснаодливи

Тие ќе научат да палат оган, да прочистуваат вода од извори со сомнителен квалитет, ќе научат да се ориентираат во природата. Треба ли да се зборува за нивната свест за зачувување на планината и целокупанта животна средина која ќе се подигне на повисоко ниво? Ќе учат за природата и од природата.

И што е најважно…

Ќе станат подобри луѓе

Кога ќе се најдеме во природа, во овој случај на планината, која го има последниот збор, дури тогаш разбираме колку сме мали. Кога човекот ќе се врати во природата, тој ракува самиот со себе. Чувството на духовно задоволство кои ги надминува потребите за материјалното, ги менува вашите деца од корен. Во градот може да видите многу „важни“ луѓе во фотељи, чие его е поголемо од самата планина. Но, изгледа дека егото не опстојува на повеќе од 500 надморска височина.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Откриен е страшниот мотив за смртта на цело семејство од Франција

ВИДЕО: Милиони луѓе мислат дека ова бебе е гениј

Ана Ололовска

Децата не сакаат општи прашања

Ана Ололовска

Смислата за хумор се развива во првиот месец од животот

Ана Ололовска

Децата „Алфа“ – новата дигитална генерација

Ана Ололовска

Најчестите митови за единците

Ана Ололовска