Оваа мода почна во Скандинавија, а потоа се прошири и во Велика Британија, па сега се повеќе бебиња спијат во кутии.
Звучи многу чудно, но финската кутија за бебиња стана популарна во светот заради практичноста, едноставноста и можноста да спасат илјада детски животи.
Некои породилишта во Велика Британија им ги даваат на мајките на новороденчиња за да им помогнат финансиски.
Кутијата за бебиња во Финска веќе е традиција, а секоја мајка во породилиште добива по една кутија уште од 1930 година. Во неа има работи за бебето – пелени, ножици, цуцли, козметика, облека, книга за таткото, а со ставање душек во неа се добива креветче за новороденчето.
Во бебе-кутијата се наоѓа и медицински прибор, кој ги спречува инфекциите кои бебињата често ги добиваат, а кутијата значително го намали бројот на случаи на задушување кај новороденчиња, кое најчесто се случува поради тоа што бебињата спијат на перница опкружени со различни играчки.
Сепак кутиите станаа многу популарни дури кога финската Влада им подари кутија на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон по раѓањето на принцот Џорџ.
– Мислиме дека сите родители имаат пари за детско креветче, што секако не е секогаш случај, изјави гинекологот-акушер Каре Јоаш.
Во светот сега постојат голем број компании, кои произведуваат кутии за бебиња, а експертите велат дека не станува збор за мода, туку дека токму кутиите се задолжени за тоа што во Финска има најмала смртност на новородечиња во светот.