Ако детето по природа е срамежливо родителите не треба да се трудат да го сменат, бидејќи тоа однапред е осудено на неуспех. Но, можат да му помогнат во одредени ситуации да ја надмине таа своја карактеристика за да не му пречи во социјалните односи.
Родителот прво треба да утврди дали детето е од стално срамежливо или срамежливоста е поттикната од некое трауматично искуство (случувања во училиште, развод на родителите, болест, смрт на блиско лице, проблеми во семејствотот). Во вториот случај треба да се разговара со детето и ако е потребно да се побара експертска помош.
Вродената срамежливост има свои предности, бидејќи детето е помалку проблематично во училиште, воглавно е сочувствително и склоно кон промислување. Но, не се снаоѓа најдобро во нови ситуации и има помалку другари од своите врсници.
Бернардо Кардучи од Институтот за истражување на срамежливоста на Индијана универзитетот ги советува родителите да не вршат притисок врз детето, туку да го научат на комуникациските вештини.
– Дајте му шанса да вежба така што во продавница тоа ќе ја плати сметката или во кафуле ќе нарача сок. Пофалете го кога тоа ќе го направи како што треба и не го критикувајте кога ќе „згреши“. Јакнете му ја самодовербата потсетувајќи го на претходните ситуации во кои добро се снашло. Кажете му дека и вие како дете сте биле срамежливи и објаснете му како сте успеале да го надмините тоа, истакнува американскиот психолог.