Во Прилеп почнува 15 „Пивофест“

Од:

Во Прилеп од вечер до недела се одржува 15. јубилеен „Пивофест“, соопштија денеска организаторите, прилепската локална самоуправа и Центарот за граѓанска иницијатива, на прес-конференција во киното „Мис Стон“ во Прилеп.

Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, се е подготвено за добро организиран и сигурен фестивал.

– Градот е комплетно подготвен за Пиво фестивалот, тоа го нудат преубавите штандови кои се веќе во финална фаза на нивната изработка и поставување. Имаме навистина огромна бина и добро озвучување. Скарата веќе се подготвува, а таа е најдобро да се комбинира со ладно пиво. Ќе има многу видови пиво и различни освежителни пијалаци. Се потрудивме да ги задоволиме вкусовите на сите кога станува збор за музиката. Секој ден имаме големи имиња и музички ѕвезди од Македонија и целиот Балкан. Максимално сме подготвени за најголемата забава на Балканот, Пиво фест 2017. Сите служби ќе бидат максимално ангажирани на теренот за да се помине во најдобар ред, рече Ристески.

Талија Петреска од невладината Центар за граѓанска иницијатива нагласи дека секој ден ќе има бесплатни железнички линии за младите до 27 години, а и кампингот е подготвен во паркот на револуцијата.

– Годинава ќе имаме голем број на новини, различни видови на пиво, ги покануваме сите љубители на добрата забава, ладното пиво и вкусната скара во наредните 4 дена да бидат присутни во Прилеп. Во 17 часот од Скопје тргнува и бесплатниот воз за млади до 27 години. Вакви возови ќе има секој ден. На Паркот на револуцијата има организирано бесплатен кампинг центар, каде оние кои ќе присуствуваат таму секој ден ќе добиваат бесплатна чорба, кафе и чај, објасни Петреска.

Според водителот на фестивалската програма Маријана Станојковска, се очекува уште поголема посетеност на Фестивалот.

– Публиката и оваа година ќе има можност да ужива во неповторливата атмосфера и прекрасната забава за која ќе се погрижат големиот број наши и странски музички ѕвезди. Очекуваме посетеноста да биде уште поголема за разлика од минатата година, ние очекуваме повторно да уриваме рекорди и да се забавуваме до последниот атом, рече Станојкоска.

Од локалната самоуправа објаснуваат дека хотелските капацитети во Прилеп веќе се преполни, исто и приватното сместување. Најавени се гости од цела Македонија и поширокиот регион. Во наредните денови ќе биде затворен главниот булевар „Гоце Делчев“ каде се поставени штандовите, а надлежните служби веќе имаат изработено сообраќаен план во кои насоки ќе се движат возилата овие денови за да нема застој. Обезбедени се 25.000 паркинг места.

Фестивалот официјално ќе биде отворен вечер, од 21 часот. Ќе го отвори македонската група „Еѕе Љуе“, потоа ќе настапи групата „Психомодо Поп“, а вечерта ќе ја затворат Амадеус бенд.

Годинава како дел од забавата, се воведува и една новина, а тоа е дека за надојбра селфи фотографија организаторите доделуваат една голема маскота мајмун. Секој ден за најдобрите селфи фотографии ќе се доделуваат по две влезници за вип делот во бекстејџот. Заинтересираните треба да ги испраќаат своите фотографии на „Фејсбук“ страницата Пивофестивал.мк.

Утре вечер забавата ќе започне со „Дон Минотт&Conquering Lion“, „Нокаут“ и Ален Исламовиќ. В сабота публиката ќе ја забавуваат Елена Велеска, Анабела и Харис Џиновиќ. На последната вечер од фестивалот, в недела, ќе настапат Тајфата со Димитар Андоноски, Џамбо Агушев и ѕвездата на годинашниов фестивал – Северина.

Сите дискотеки и кафулиња во градот кои имаат продолжено работно време.

Би можело да ве интересира

Прилепски „Пивофест“ од 18 до 21 јули

Ана Ололовска

Пиволенд прераснува во „Skopje beer fest“

Ана Ололовска

Прилеп подготвен за вечерното отворање на „Пивофест“

Ана Ололовска

Почнаа подготовките за „Пивофест 2018“

Ана Ололовска

Заврши 15. „Пивофест“ во Прилеп

Ана Ололовска

Последна вечер на „Пивофест“ во Прилеп

Наум Локоски