„Нишка на традицијата“ беше темата на изложбата на традиционални посни погачи што се одржа синоќа во Неготино по повод празникот Свети Климент Охридски.
Изложбата ја организира локалната библиотека „Страшо Пинџур”.
– Сакавме да ги обединиме домаќинките од градот во име на традицијата, нејзиното зачувување и предавање на идните генерации, рече директорката на библиотеката Катерина Данаилова.
Во празнувањето беше вклучено и литературно читање за делата на големиот просветител и светец, како и читање за традицијата како нишка меѓу минатото и иднината.
Говор за значењето на лебот и празничната погача во православната вера одржа отец Сарафче Иванов, кој ги освети погачите.
Триесет домаќинки учествуваа на изложбата со домашно приготвени и декорирани погачи, а три од нив беа избрани како најдобри.
– Ова е прв ваков настан кој ќе прерасне во традиционален. Тој е дел од богатата програма на библиотеката, програма благодарение на која оваа установа деновиве беше прогласена за библиотека и доби награда од Библиотекарското здружение на Македонија, нагласи Данаилова.