Влатко Стефановски, еден од најистакнатите Македонци и гитарски виртуози во овој дел од Европа, годинава слави 50 години кариера.
Во рамки на импресивната јубилејна прослава, Влатко Стефановски на 16 декември ќе одржи голем концерт во „Сава Центар“ во Белград.
Годината во која одбележува половина век на сцената дополнително ја збогати неговата лондонска авантура – распродадениот концерт во клубот Dingwalls и снимањето на новиот албум во легендарното студио Abbey Road.
Во Abbey Road Studio Three, со Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на контрабас, Влатко сними дури 22 песни, пресек на работата, вклучувајќи ја и култната When My Guitar Gently Weeps од почит кон Битлси.
„Во култното студио Abbey Road, ги посетивме сите ходници, ги видовме сите инструменти и, треба да кажам, светите места каде што работеа Битлси. Пеев на микрофон на кој пееше Ејми Вајнхаус. Тоа е огромна мотивација да се снима на вакво место и ретко искуство. Успеавме да снимиме дваесет и две песни за два дена, Јан на тапани, Хојсак на контрабас и јас на гитара. Звучниот мајстор беше Горан Мартинац. Сите ја почувствувавме енергијата на познатите музичари кои снимаа во тоа познато студио. На крајот сè заврши еуфорично, па го прославивме трудот и енергијата што ги оставивме во студиото во кантината каде што седеа Битлси и многу други музичари“, изјави Влатко Стефановски.
Овој нов албум, заедно со неговите долгогодишни проекти, е само дел од богатиот опус кој вклучува соработки со светски великани, филмска и театарска музика, како и работа со Лондонскиот симфониски оркестар.
Јубилејот што го прославува со концертот во главниот град на Србија ќе биде неповторливо искуство за сите љубители на неговата музика.
„Ќе свириме песни кои најмногу и се допаѓаат на публиката, кои публиката ги препознала и песни кои со текот на времето „преживеале“. Ги сакам сите мои фази во животот. Колку што бев млад, во занес, сигурно правев некои работи како што треба додека издржав толку долго. Секогаш го добивав најдоброто од дадениот момент, без математика, туку само чиста емоција, чиста енергија. Ние музичарите сме во потрага по магија и верувам дека секој ден, кога нужно вежбам по неколку часа, сфаќам дека станувам подобар“, рече маестро Влатко Стефановски за српските медиуми.