Откако неодамна оскаровката Анџелина Џоли крена голема прашина во јавноста, откривајќи дека поради превенција подлегнала на двојна мастектомија, за ова отворено почнаа да зборуваат и други јавни личности. На оваа тема јавно проговори и пејачката Анастејша која направила двојна мастектомија откако по втор пат и бил дијагностициран рак на дојката, а двојна мастектомија откри дека направила и сопругата на музичарот Ози Озборн, Шерон Озборн. Дали тоа го прават откако ќе им се дијагностицира рак на дојка или превентивно, како Анџелина Џоли, болката е иста и на секоја жена која го направила ова и треба поддршка од семејството, но и од други жени кои веќе поминале низ истиот пекол.
Кај нас, меѓу другите, на оваа тема отворено зборуваат членовите и волонтерите на здружението за борба против ракот „Борка“, а една од најактивните меѓу нив, госпоѓа Атина Саздова, е вистинска поддршка за многу жени кои се соочуваат со оваа болест.
Октомври-светски месец за подигање на свесноста за ракот на дојка
Октомври е светски месец за подигање на свесноста за ракот на дојката и веќе традиционално, секоја година, здружението „Борка“ организира Национална конференција за рак на дојка, како и бројни настани со цел едукација и кревање на свеста кај граѓаните дека ракот е потенцијално излечива болест. Една од најактивните волонтерки во здружението која поради личното искуство како страдалник и победник во борбата со ракот, е и најуспешна во давањето поддршка и кревањето на моралот кај заболените, е струмичанката Атина Саздова, жена која поминала низ пеколот.
Четиринаесет години по двојната мастектомија (отстранување на дојките) и хистеректомија (отстранување на матката), таа се смета себеси за здрава жена, способна да се соочи со сите предизвици во животот, води нормален живот на сопруга, мајка и е во радосно очекување да стане баба. Неодамна се соочила со уште една операција, на аденоми на штитната жлезда, а ја очекува и операција на аденомите на надбубрежната жлезда кои и биле откриени неодамна, но, вели, нема лоши мисли. Напротив, им се лути на сите што се однесуваат кон неа како кон болна жена, на сите кои ја сожалуваат и кои негативно влијаат врз нејзиното расположение. Нејзиниот ведар дух е првото што ќе го забележите при средбата со неа, бидејќи станува збор за жена која, едноставно, не ја симнува насмевката од лицето, а честопати, колку и да звучи тоа неверојатно, знае да се пошегува на своја сметка, односно, на сметка на својата состојба. Најчесто, жените заболени од рак на дојка, соочени со мастектомија, ги охрабрува покажувајќи им ги своите лузни и покажувајќи им со својата насмевка дека животот и потоа може да биде убав.
Соочување со страшната дијагноза
Атина Саздова се соочила со страшната дијагноза пред цели 14 години, на 45-годишна возраст. Ги оперирала двете дојки откако во два наврати и бил дијагностициран рак на дојка и точно знае што значат поддршката и разговорот, но и добивањето одговори на сите други прашања што ја интересираат жената во таа тешка ситуација, а кои лекарите немаат време да им ги дадат. Таа, заедно со своите „соборци“ од „Борка“, постојано апелира до болните и до здравите жени да ги прегледуваат дојките зашто со ракот на дојката, како што вели, нема шега – оваа болест е веќе проширена како вистинска епидемија! Пред две години во Македонија имало 1.152 (според Глобоцан) нови случаи, а годинава можеби ќе има и повеќе заболени. Затоа, вели Атина, самопреглед на дојки треба да прави секоја жена еднаш месечно.
„Нека си определи и ден за тоа ако треба, а најдобро е да го прави самопрегледот при туширање. Ако забележи нешто сомнително, веднаш мора да трча на лекар – нека не остава за утре! Раното откривање на болеста е многу важно зашто носи многу поголеми шанси за комплетно излекување и често го спасува животот на жената. А болеста не прашува – најмладата пациентка со рак на дојката имаше само 18 години! Како што нагласуваат и лекарите – редовни контроли на дојките со ЕХО-преглед треба да се прават веќе по 25-тата година, а по 40-тата година жената треба да ја направи и првата мамографија“, порачува Саздова и раскажува како таа ја открила болеста.
Случајно, при самопреглед, пред цели 14 години, на 45-годишна возраст самата напипав израсток во едната дојка кој многу брзо растеше. Ако во декември овој израсток во градата имаше еден сантиметар, веќе во март тој беше 3,5 сантиметри. Во тој период докторот ми предлагаше алтернативен начин на лекување па ми велеше дека е доволно на градата да ставам лист од зелка, но јас некако чувствував дека со дојката нешто не е во ред, па побарав и второ мислење. Знаев дека нешто се случува и дека е лошо. Се што ќе помислам се остварува, и добрите работи како што се на пример бројките за лото, но и лошите работи, како оваа. Можеби затоа веста ја примив прилично ладнокрвно. Докторот сакаше да заобиколува, но јас му кажав дека јас сум таа што ќе треба да се соочи со болеста за што и да станува збор и да се бори и дека сакам директно да ми каже за што станува збор. Со мене беше дојдена мојата золва токму затоа што очекував лоша вест и не сакав да бидам сама. Меѓутоа, кога докторот конечно изусти дека имам рак, тоа го примив стоечки и на нозе. Реагирав брзо и веднаш закажав операција. Првата дојка ми ја отстранија на 23 март 2000 година. Почнав да примам хемотерапија, а веќе во јуни почнав да чувствувам дека нешто ми се случува и со втората дојка. Веднаш почнав да апелирам кај докторката дека нешто не е во ред и со другата дојка. Претходно, одејќи на редовни гинеколошки контроли, ми открија циста и миоми, па иако промените беа бенигни решив да ја извадам матката, да ги елиминирам хормоните. Хормоните дивееја и мислам дека сите мои понатамошни проблеми произлегоа оттаму. Како и да е, по операцијата на првата дојка, уште додека одев на хемотерапија, не се откажував од инсистирањето кај повеќе лекари дека нешто не е во ред со другата дојка. Имено, веднаш по првата дијагноза почнав многу да читам за болеста, да се едуцирам. Иако многу инсистирав, сите прегледи, вклучувајќи ги ехо-прегледот и мамографијата, покажуваа дека нема никаков проблем. На крајот, по многу инсистирање од моја страна, неколку мамографии и биопсии, за жал, се утврди дека сум била во право. Стануваше збор за толку ситни калцификати што не можеше да се видат ниту со ехо, ниту со мамографија, бидејќи се наоѓаа на незгодно место на млечните канали. Дури и биопсиите не покажуваа ништо, а за покачените тумор маркери, според докторите, кај пациенти како мене, причина можеле да бидат дури и воспалени крајници. Но, кога ќе почнам да се сомневам во нешто, јас сум многу упорна, веројатно и ужасно здодевна, но не ми е жал затоа што на крајот излегува дека токму таа упорност ми го спасила животот. Кога на крајот се покажа дека сум во право и кога ја слушнав дијагнозата за втората дојка, веќе не бев толку цврста како првиот пат. Иако ретко плачам, тогаш ми потекоа солзи. Си велев, зошто ми се случува ова, уште не ми е зарасната ниту раната од претходната операција.
Пеколни маки
Во тој период бев слаба и изнемоштена, а веќе морав да правам нова операција и да примам хемотерапија која овојпат беше појака и многу лошо ја поднесував. И генерално тогаш, во споредба со денешните хемотерапии, беше многу потешко, сега се посовремени, пософистицирани. Примав хемотерапија по пет часа, црвено, жолто, бело шише…црвеното беше како отров. Терапијата се примаше по два дена на 21 ден, зашто се сметаше дека е тоа веќе метастаза од првата дојка, иако јас сметам дека тие беа во исто време заболени, но на едната израстоците биле толку мали што не можеа и да се откријат во исто време. Во секој случај, факт е дека да не бев толку упорна, одамна ќе бев умрена. Затоа секогаш им советувам на сите да се консултираат со повеќе лекари, да не остануваат на едно мислење. Во тој период веќе бев психички падната. Една недела се подготвував психички за терапијата, втората недела не бев ниту на небо ниту на земја, многу повраќав, до крв. Додека ја примав хемотерапијата во која ставаа и реглан, се испостави дека сум била алергична на регланот. Тоа предизвикуваше неконтролирани движења на мускулите, устата ми се кривеше, веѓите ми се креваа, се заедно беше едно невидено страдање и јас сосема опаднав психички. Тогаш кај мене беше дојдена и мајка ми која постојано ме гледаше и плачеше, а мене тоа толку ми ја одземаше енергијата што еден ден, иако ми е мајка и многу ја сакам, и реков да си оди и да ме остави сама. Кога мајка ми си отиде јас собрав сила, станав од кревет, ги соблеков пижамите, пуштив радио, влегов во кујна и почнав да готвам. Полесно ми беше. И најблиските ако ми делуваат негативно ги отстранувам од мојата околина. Ниту тогаш ниту кога било не сакам да ме сожалуваат, да се однесуваат кон мене како да сум болна, дури престанав да контактирам со многу луѓе кои ме третираа како болна. Јас го извадив од мене тоа што беше болно и сакав да продолжам со нормален живот. Мојот син правеше матура, и јас, на втор ден од хемотерапијата, иако ми беше многу лошо, заиграв пајдушко оро.
Денот некако минуваше, ама ноќите беа многу долги, како години. Имав среќа што семејството ми даде голема поддршка, мојот сопруг Митко и синот Трајче кој тогаш завршуваше средно училиште и тешко ја поднесе мојата болест, беа секогаш со мене.
Во тој период живеев најмногу за детето, сакав да го пораснам, да стане свој човек, да се осамостои. Сега Трајче има 33 години и јас живеам и за него, но и за снаата и за внучето што наскоро треба да ни се роди. Тука е и мојот сопруг Митко кој цело време беше со мене, ме гледаше, ме покриваше кога се тресев од студ додека ги примав хемотерапиите и постојано ми зборуваше дека ќе направи се што треба, но нема да дозволи да ме изгуби. И не ме изгуби. Го изгуби само партнерот за бриџ бидејќи откако се ангажирав во здружението „Борка“, едноставно повеќе немам време за играње бриџ.
Пензионер на 45 години
Не поминаа пет-шест месеци од последната операција и јас, бидејќи навистина не знаев што да правам со себе, научена претходно на активен живот како сопственик на колонијал и на кафеана, се јавив во здружението „Животна искра“ на Виолета Томовска. Неколку пати се јавував, но таму некако не ме прифатија, никогаш не ме викнаа да дојдам и да се вклучам во некоја нивна активност. Па така престанав да се јавувам. Почнав да чувам едно девојче, а патем и готвев и им ја средував куќата иако тоа не беше дел од моите обврски. Уживав затоа што повторно бев активна, а патем, секогаш кога одев на редовните контроли разговарав со луѓето што ги среќавав по болничките ходници, го споделував со нив моето искуство, ги тешев, им давав поддршка. Работата не ми требаше заради пари, едноставно, не сум учена да седам.
Бидејќи по професија сум социјален работник и иако никогаш не сум работела по струка, многу сакам да им помагам на луѓето. Така не се откажав од мојата идеја да се придружам на некое здружение и да им помагам на оние кои ќе се најдат во мојата ситуација. Набрзо се јавив во здружението „Борка“ и таму веднаш ме поканија да ги посетам. Се запознав со Биба (пејачката Биба Додева, која е претседател и оснивач на „Борка“), пополнив формулар за членство и прашалник и веднаш покажав иницијатива да се вклучам во нивните активности. Во прашалникот напишав дека сакам да им помагам на луѓето, да им дадам поддршка во нивното соочување со болеста и да им покажам дека тоа не е најстрашното нешто што може да им се случи. Набрзо потоа, после обуката за волонтери, почнав со работа како волонтер на СОС линијата во канцеларијата на БОРКА во Скопје.
Ова задолжение го прифатив со радост затоа што тоа е она што сакам да го правам и во што навистина се давам целосно. Прво бев теренец, што значи дека одев по болниците, делев брошури, разговарав со болните, ги тешев, им ги покажував вежбите што треба да се прават по мастектомија, одговарав на нивните прашања. Секогаш настапувам со извесна доза на хумор, иако најчесто станува збор за црн хумор, сметам дека на сите им е тоа потребно за малку да се опуштат и да излезат од безнадежноста. Им ги покажувам протезите со силикони, ги упатувам каде да одат да си земат и тие протези и постојано се шегувам на своја сметка. Им велам: сто пати е подобро да си без две дојки наместо без една, така барем можете да си ги менувате протезите на двете и да си носите различни во зависност од пригодата. На пример, јас кога сакам посекси изглед, ставам седмица, а кога сакам помали дојки, си носам протеза со силикони број 3.
СОС линија на „Борка“
Веќе со години работам на СОС линијата на „Борка“ која оваа година беше финансиски поддржана од компанијата Авон, која е поддржувач на борбата против ракот и која од минатиот месец го воведе и го финансира и мобилниот СОС телефон на „Борка“. Јас сум постојано на располагање и зборувам со сите оние кои бараат помош, совет или препорака.
Најчесто се јавуваат жени кои се уште не се оперирани, знаат да се расплачат на телефон, се интересираат за операцијата, за хемотерапијата и за се во врска со болеста. Некои од нив доаѓаат и во канцелариите на „Борка“ кадешто имаме околу 200 перики кои им ги даваме на услуга на сите оние на кои тие им се потребни. Кога некоја жена ќе влезе во канцеларија, веднаш знам која перика ќе и прилега. Никогаш не ми е тешко да зборувам со нив, па често се случува да разговарам на телефон и додека ручам дома со семејството, и додека сум во тоалет и буквално во секое време кога некому му треба разговор или совет. Се трудам на секоја жена да и помогнам, да го споделам своето искуство. Некои од нив кога доаѓаат во нашите канцеларии влегуваат расплакани, а излегуваат насмеани и со нова волја за живот.
Лично мене никогаш не ми доаѓаат на ум лоши мисли и иако сочувствувам со сите жени кои се јавуваат, но дефинитивно најмногу ме погодува кога со болеста се соочуваат млади девојчиња. Има жени кои на овој начин, преку СОС линијата ми станале пријателки и со нив контактирам и до ден денес. Имам многу пријателки низ цела Македонија. Некогаш знам и да ги искарам ако претеруваат во самосожалувањето. Јас знам дека операцијата е голем стрес, се губи орган на женственост, и самата, кога ми ги отстранија дојките се чувствував како да ми ги исекле крилцата, рацете се болни кога ќе се извадат лимфните жлезди, а последиците траат целиот живот, но сепак сметам дека треба што поскоро да се вратат во нормалниот живот. Некои се противници на хемотерапијата, но јас сепак верувам во медицина, а дури потоа во алтернатива. Како и да е, мастектомијата е голем пораз и траума за секоја жена. Но јас не се предадов. Сепак, според мене, ниту операцијата, ниту паѓањето на косата не се најтешкиот дел, туку тоа е надминувањето на хемотерапијата и контролите кои се ужасен стрес.
Начин на живот
Во однос на начинот на живот, не се сменив премногу. Не претерувам со здравата исхрана, освен што не јадам сувомеснати и конзервирани производи. Ако ми се јадат кебапчиња, јадам кебапчиња, торта, зошто да не, правам преубави торти, па ред е и да ги пробам. Сепак, не мислам дека треба да си скратиме се. Се знае дека е се загадено, па колку можеме треба да се заштитиме. На пример, најчесто самата си месам леб, а понекогаш не јадам леб со денови. Од секогаш сум била активна и не ме држело место, но сега сум хиперактивна. Станувам во 4 ипол-5 часот наутро, готвам ручек, се туширам, се средувам и излегувам од дома тип-топ средена со насмевка на лицето, подготвена за секој нов ден, вели Атина.
Препораки
Госпоѓа Атина Саздова и воопшто сите членови и волонтери на здружението „Борка“, го прават тоа што не го прави ниту една јавна установа – им даваат поддршка на заболените и им го посветуваат сето она внимание за кое лекарите во јавните установи едноставно немаат време.
И покрај тешката битка со подмолната болест, Атина Саздова не само што не ја изгубила волјата за живот, туку е инспирација за сите жени кои се борат со ракот. Таа им порачува на жените да не губат драгоцено време и да поитаат на прегледи, зашто таа одлука може да им го спаси животот. Ако се открие нешто сомнително, што побрзо да се направат неопходните процедури за навреме да почне да се лекуваат, зашто разликата е драстична. Квалитетот на живот е неспоредлив – жената ја губи дојката, косата опаѓа, а ја губи и самодовербата. Затоа се важни овие кампањи – за жените да видат дека не се осамени во тешката битка што ја водат со ракот на дојката – порачува Саздова.
Ракот на дојката е вториот најчест вид на рак кај жените. Добрата вест е дека многу жени може да преживеат со рак на дојка ако тој се открие на време и се третира рано. Мамограмот, односно, скрининг-тестот за рак на дојка – може да помогне да се открие ракот на дојка на почетокот, кога тој е полесно да се третира. Националниот месец на ракот на дојката е шанса да се подигне свеста за важноста на раното откривање на ракот на дојката.