Украина е победник на годинашното издание на Евровизија. Победата ја грабна „Калуш Оркестра“ од Украина, чија песна „Stefania“ беше избрана за најдобра во конкуренцијата од 40 земји-учеснички. На втората позиција се најде Обединетото Кралство, а на третата позиција е Шпанија.
Украина на крајот имаше 631 бод, од кои огромни 439 ги доби од публиката. Според гласовите на стручната жири-комисија, најмногу гласови освои Обединетото Кралство – 283. Но, по пребројувањето на гласовите на публиката, стана јасно дека Украина е годинашен победник на најпопуларниот музички фестивал.
Италија беше фантастичен домаќин на 66.издание на најголемото европско музичко шоу.
За време на големото финале, вечерва настапија претставниците на Чешка, Романија, Португалија, Финска, Швајцарија, Франција, Норвешка, Ерменија, Италија, Шпанија, Холандија, Украина, Германија, Литванија, Азербејџан, Белгија, Грција, Исланд, Молдавија, Шведска, Австралија, Обединетото Кралство, Полска, Србија и на Естонија.
Македонската претставничка Андреа Коевска не се пласираше во финалето. Таа настапи со реден број 11 на втората полуфинална вечер и ја испеа својата песна „Circles“ на 66. издание на Изборот на песна за Евровизија.