Велат дека оние песни кои се пишуваат во еден здив се токму тие, вистинските, најубавите, а токму такво нешто и се случи на познатата пејачка Александра Јанева пред извесно време..
Нејзината нова нумера со наслов „Глумиме“ е направена буквално во еден здив.
„Испровоцирана“ од обожавател кој на социјалните мрежи се дрзнал и напишал навредлива порака, било доволно Јанева да се инспирира и заедно со композиторот Лазар Цветкоски да создадат музичко дело кое сигурни сме дека ќе допре до секој од вас.
Дека инспирацијата е навистина поради пораката од обожавателот, потврдува и Јанева.
„Секој пејач кој често настапува во живо знае дека очите на публиката се постојано вперени во него и секој негов чекор буди најразлични чувства и поделени коментари кај нив. Инспирацијата за „Глумиме“ дојде после една необична порака која ја добив во инбокс, од лажен профил. Се насмеав на пораката и првото нешто што ми дојде на памет беше колку им е забавно на поединци да ѕиркаат во туѓи животи. И така почнав да си реплицирам, со рефрен за нова песна. Инаку за неколку дена и јавно сакам да ја објавам пораката која ја добив, сметам дека мојата публика треба да го види тоа“ – вели пејачката Јанева.
Рефренот има доста силни зборови во кои веруваме дека ќе се пронајдат многумина од вас, а тој гласи вака: „Сите можеме да глумиме и туѓи животи да судиме, но каков живот имаш ти, кажи ми?“.
Александра токму со овие зборови се појавила пред студиото на Лазар Цветкоски и двајцата песната ја создале за кратко време…
Инаку Јанева и за оваа песна соработува со режисерот Ѓорѓи Вацев, а покрај неа, во спотот се појавува и моделот Илија Андов кој одлично си ја заврши својата работа.
За нивниот стајлинг повторно се погрижи стилистката Милена Танаскоска, со која соработката трае веќе неколку години.