Нетфликс го објави официјалниот трејлер за биографскиот филм „Blonde“ во режија на Ендрју Доминик, во кој една од најубавите жени во светот, Ана де Армас, ја игра холивудската икона Мерлин Монро.
Филмот, снимен според бестселерот „Blonde“ на Џојс Керол Оутс, ќе ја доживее светската премиера во конкуренција на филмскиот фестивал во Венеција.
Станува збор за еден од најочекуваните наслови што ќе се натпреваруваат на фестивалот во Венеција. Шефот на Канскиот филмски фестивал, Тиери Фремо, претходно изјави дека се обидел да го вклучи филмот во овогодинешната програма, но не успеал да постигне компромис со Нетфликс.
„Начинот на кој Кенеди се однесуваше со Мерлин Монро не беше и сè уште не е толку различен од начинот на кој многу моќни мажи, особено во Вашингтон, ги третираат сите жени освен нивните сопруги“, изјави Оутс за „Vanity Fair France“.
„Амбициите на Ендру беа многу јасни од самиот почеток. Тој сакаше да го претстави животот на Мерлин Монро. Сакаше светот да го доживее чувството да се биде Мерлин Монро. Мислам дека ова е најхрабриот нераскажан поглед на нејзината животна приказна што јас некогаш сум видела“, рече неодамна Ана де Армас, на која во филмот и се придружуваат Боби Канавал, Адриен Броди, Џулијана Николсон, Ксавиер Семјуел и Еван Вилијамс.