„Дали знае?“ е четвртата песна на скопскиот поп-рок состав „Фикшн“, која ги спојува звуците на поп-музиката од ’80те и ’90те години, со модерниот рок звук.
„Нашата нова песна е најава за албумот на кој работиме и планираме да го издадеме кога малку ќе се стабилизираат работите со пандемијата на коронавирусот. Текстот и музиката за песната ги напишав јас, а се инспирирани од лични искуства и настани“, ни кажа Виктор Захариев, гитаристот на „Фикшн“.
Аранжманот за песната го направија сите членови на бендот: Петар Ѓуревски (вокал), Виктор Захариев (гитара), Филип Андонов (гитара) и Теодор Теодосиевски (тапани). Аудио продукцијата е на Виктор Захариев и Виктор Георгиевски, кој е одговорен и за миксот и мастерот на песната.
За песната „Фикшн“ снимија и спот, составен од инсерти од секојдневието на бендот во изминатите години, а го монтираа Steady Flow.