Легендарниот американски издавач и основач на еротското списание „Хастлер“, Лери Флинт, почина вчера во Калифорнија од срцев удар, на возраст од 79 години, а светските медиуми потсетуваат на неговиот бурен, контроверзен живот, кој ги промени нормите во американската забавна индустрија, а Флинт беше во центарот на некои од најжолчните судири меѓу конзервативците и либералите во Америка во 20 век.
Во времето кога конзервативните сили во САД се обидуваа целосно да ја забранат женската голотија во медиумите, појавата на Флинт и неговиот „Хастлер“ беа противтежата што предизвика тектонски потреси не само во индустријата за забава, но и во пошироката американската јавност. Преку неговите бројни, јавни судири со државата, пуританците и десничарските политичари, Американците станаа посвесни за состојбата со цензурата и слободата во медиумите, велат дел од аналитичарите во САД во своите коментари за влијанието на Флинт на модерна Америка.
Порно индустријата носи сериозни пари, а за сериозни пари ви треба и сериозен бизнис – ова беше мотото под кое Лери Флинт го создаде царството на голотијата во кое годишно вртеше милиони долари, во индустријата вредна милијарди. Неговите отворени, контроверзни ставови за сексот, парите и општеството му обезбедија место во американската историја, а денешната порнографска индустрија и натаму почива врз темелите кои тој ги постави.
Но, денес, токму тие поставки вкоренети во суперлибералното, суперпотрошувачко американско општество од моделот на Флинт, се отфрлаат со се посилен глас, а доказ за тоа е движењето #MeToo, кое не толерира мислења како неговото: „Во современата култура парите се врвен естетски и етички критериум, а телото е само средство да се стигне до нив“.
Еве уште некои цитати кои можеби најдобро го опишуваат Лери Флинт и неговите чудни, понекогаш храбри, а секогаш контроверзни ставови:
– Мојсие ги ослободи Евреите, Линколн ги ослободи робовите, а јас ги ослободив невротичните.
– Секојпат кога има некој скандал, секогаш се трудиме да се вмешаме.
– Не постои ништо што побрзо ги менува моралните гледишта на еден човек, од пари во големи суми.
– По првиот милион, парите не се важни.
– Религијата има предизвикано повеќе штета од која било друга идеја од почетокот на времето. Не можам да кажам ништо добро за неа. Луѓето ја користат како патерица.