Во далечниот руски сибирски град Краснојарск, кој е поблиску до Пекинг и Токио, одошто до Москва, една градинка има невообичаен, спартански режим кој цели да ги челичи децата, односно да им го зајакне имунитетот.
За нивната воспитувачка Оксана Кабод, нема никаква дилема дека полевањето на голите деца со кофи вода на отворено, во зима, е благотворно за нивниот имунитет и генералното здравје. Активностите на децата се одвиваат исклучиво со знаење и согласност од родителите, а екстремното туширање на мразот не е задолжително.
„Децата се тушираат со ладна вода само ако температурата не е пониска од -25 степени“, вели управителката на државната градинка 317 во Краснојарск, позната како „Сибирјачок“ (во превод „Сибирче“), која сепак додава дека пред неколку години, децата се туширале надвор и на -30, на Водици, заедно со своите родители.
Традиционално, Русите се бањаат во студените води за да го одбележат големиот црковен празник, без оглед на временските прилики. Во Красноjарак во јануари просечната температура се движи од -11 до -19 степени.
Според Кабод, ледените туширања на екстремно ниски температури не само што не се штетни, туку им помагаат на децата на голем број начини, што е „научен факт“ потврден од многу сибирски доктори. Воспитувачката вели дека децата кои учествуваат во зимското „челичење“ на отворено се почувствителни, поурамнотежени и пооптимистични.