Социјалната мрежа твитер неочекувани им дозволи на дел од своите корисници да пишуваат двојно подолги пораки со 280 карактери, за разлика од сегашното ограничување на максимум 140 карактери за секоја порака.
Директорот Џек Дорси самиот ја најави промената пишувајќи порака во новиот, подолг формат.
– Ова е мала промена, но за нас претставува голем чекор. Изборот од 140 карактери беше направен произволно, врз основа на границата од 160 карактери во СМС пораките. Горд сум колку тимот беше посветен на решавање на проблемите кои луѓето ги имаа кога се обидуваа да твитаат. Во исто време, ќе ги зачуваме краткиот израз, брзината и суштината, твитна директорот Дорси.
Засега само мал број корисници ќе имаат можност да пишуваат во новиот подолг формат од 280 карактери, а по пробниот период компанијата ќе реши дали да им дозволи на сите свои корисници да пишуваат подолги пораки.
Кусите пораки придонесоа кон растот на популарноста на Твитер, мрежа која е позната по брзото пренесување на вести и базични информации без многу објаснување и детали. Но, во исто време, поради ограничувањето на максимум 140 карактери по порака, корисниците честопати се жалеа дека се принудени да прават граматички грешки, да користат кратенки или да се објаснуваат во долги синџири на поврзани пораки.
Поради ова, Твитер ја воведе опцијата Медиум, каде корисниците можат да објавуваат подолги текстови, а воедно воведе опции фотографиите и линковите да не заземаат многу карактери во пораката.
Твитер објави дека една од причините за најавената промена е тоа што твитерџиите кои пишуваат на јапонски или кинески и досега не беа ограничени од форматот, бидејќи поради структурата на јазикот, и досега можеа да пренесат голем број информации во 140 карактери, за разлика од твитерџиите кои пишуваат на англиски или на други јазици.
Се уште не се знае дали најпознатиот твитерџија на светот, претседателот на САД Доналд Трамп, ќе има можност да пишува во новиот проширен формат или пак ќе остане ограничен на 140 карактери.