Многу содржини интересни за деца, едукативни активности, забави со детски игри, како и попусти од детски продавници за играчки, гардероба и детска опрема, треба да понуди Третиот детски саем, што ќе се одржи од денеска до 20 мај во „Скопје сити мол“.
Најавени се настапи на дечиња од детски фестивали и детски хорови, работилници за деца во детското креативно катче, забава и смеа со аниматори и магионичари, гостување на театарски групи, детска модна ревији како и многу други интересни активности за децата.
Од Скопје сити мол информираат дека првпат на детскиот саем ќе се организира „Улица на игрите“, во кое најмладите посетители ќе можат да се забавуваат на добро познатите игри, како „плочка”, „не лути се човече”, „змија“ и многу други.
Во тек на саемските денови ќе бидат организирани и работилници со педијатар, нутриционист и дерматолог, на кои родителите ќе можат да добијат бесплатни совети и одговори на прашања поврзани со развојот на децата.
Посетителите на Скопје Сити Мол, во тек на манифестацијата ќе можат да го проследат и првиот Саем на детска книга, а воедно и да ги научат техниките за успешно владеење на шаховската табла, презентирани од страна на Гамбит.