Мајките би заработувале повеќе од 92 илјади евра годишно, доколку им се плаќа за постојаната грижа за децата, пресоблекување, менување пелени, хранење, перење, пеглање, чистење…, се наведува во резултатите од едно истражување, спроведено во Велика Британија.
Според истражувањето тоа е плата, која отприлика ја земаат лекарите, пилотите и адвокатите.
Повеќето родители велат дека родителството е најдобрата работа на светот и сосема е сигурно дека е, но ќе се согласите дека е извонредно за таа најубава работа на светот да се зема плата. Знаеме дека тоа е невозможно, барем не во блиска иднина, но интересно е да се види колку теоретски би изнесувала таа плата.
Во ова истражување учествале 1.200 мајки, кои во просек поминуваат четири часа секој ден чистејќи, околу два часа подготвуваат храна, еден час дневно трошат на перење облека, а на децата на располагање им се 24 часа дневно.
Ако на тоа се додаде и дека 44 отсто од семејствата, кои учествувале во истражувањето имаат домашно милениче и дека две третини од мајките мораат на сите обврски и да го хранат, капат и шетаат, јасно ви е колку работат секој ден.
Резултатите покажаа дека 74 отсто од мајките чувствуваат дека целиот товар на домашните работи е на нив, а 67 проценти себе се сметаат целосно одговорни за децата, во смисол дека партнерот не им помага околу децата.