Се чини дека сателитското поврзување е новата „голема“ работа кај паметните телефони. Откако Huawei прв претстави телефон кој има сателитско поврзување, следеше и Apple, а сега се чини дека сите други производители на Android телефони си го земаат редот. Имено, Qualcomm на саемот CES го најави „Snapdragon Sattelite“ кој ќе овозможи двонасочна сателитска комуникација со Android телефони од новата генерација.
Оваа функционалност ќе биде поддржана почнувајќи од чипот Snapdragon 8 Gen 2 (кој ќе се појави на овогодинешните водечки телефони), а е можна благодарение на партнерството со Iridium, кој има 66 сателити во ниска орбита.
Но, како е ова подобро од она што Apple го претстави за iPhone?
Клучот е во фразата „двонасочна комуникација“. Додека Apple ги ограничи своите сателитски комуникации само на итни случаи, Qualcomm отиде чекор понатаму. Така, оваа услуга нема да се користи само за итни случаи, туку и за рекреативни цели, т.е. ќе можете да испраќате и примате СМС пораки преку сателит додека сте на некое оддалечено место без традиционална мобилна врска. Освен СМС, Qualcomm спомна и „други апликации за пораки“, но претпоставуваме дека тие не биле специфични бидејќи ќе бара прилагодување од креаторот на апликацијата.
Qualcomm нагласи дека „Snapdragon Satellite“ ќе биде достапен и за други уреди како лаптопи, таблети итн. Соработката со Garmin, која веќе е искусна кога станува збор за СОС пораките преку сателит, ќе биде клучна за итни случаи. Garmin Response се справува со илјадници SOS инциденти секоја година.
Секако, фактот што Snapdragon 8 Gen 2 ја носи оваа функционалност не значи дека сите телефони со тој чип ќе ја поддржуваат. Дополнително, останува да се види како тоа ќе функционира во пракса. Претпоставката е дека, поради потребата од мала потрошувачка на енергија, ќе бидат потребни речиси идеални услови за да може да се испрати (и прими) порака во разумен рок. За споредба, Apple тврди дека се потребни околу две минути за да се испрати итна СМС порака до службите за итни случаи на iPhone под идеални услови.
Qualcomm исто така нагласи дека оваа функционалност нема да биде лансирана до втората половина на 2023 година и првично ќе биде достапна во „одбрани региони“.