Светската здравствена организација (СЗО) препорача денеска дека возрасните треба да јадат помалку сол и да вклучат минимална количина на калиум во секојдневната исхрана, со цел да го намалат ризикот од инфаркт и мозочен удар.
– Возрасните треба да конзумираат помалку од два грама натриум или помалку од пет грама сол дневно и секојдневно да внесуваат најмалку 3,51 грама калиум, соопшти СЗО.
– СЗО претходно препорача два грама натриум, но сега издаде нова препорака дека треба да бидат помалку од два грама, изјави портпаролот на СЗО Грегори Хартл.
Светската здравствена организација исто така, објави прва препорака за внес на натриум и сол кај децата, во зависност од нивната висина и тежина, возраст и енергетски потреби, рече тој. Препораките се однесуваат на деца постари од две години.
– Натриумот, кој природно се наоѓа во млечните производи и јајцата, присутен е во многу поголеми количини во преработени намирници како лебот, месните производи како што е сланината, грицките, супите од кесичка и зачините како што е соја сосот, соопшти СЗО.
На лицата со зголемено ниво на натриум или недоволна количина калиум им се заканува ризик од зголемен крвен притисок, фактор што го зголемува ризикот од инфаркт или мозочен удар.
– Зголемениот крвен притисок е најголем фактор за инфаркт и мозочен удар – главен фактор за смрт и инвалидитет во светот, вели докторот Франческо Бранка, директор на СЗО за нутриционизам.