Светски ден на здравјето – Во Македонија жените живеат 4,3 години повеќе од мажите

Од:

Жените во Македонија просечно живеат 77 година, и за 4,3 години повеќе од мажите кои во просек живеат 72,7 години. Стапката на смртност лани се зголемила за 1,8 отсто во однос на 2011 година, а како најчести причини за смртта се болестите на циркулаторниот систем и неоплазмите.

Според податоците на Државниот завод за статистика по повод Денот на здравјето- 7 Април, во 2011 година 89,1 отсто населението имале пристап до примарната здравствена заштита што е за 3,6 отсто помалку во однос на претходната година.

Просечната возраст на населението изнесува 37,5 години при што кај мажите просекот е 36,7, а кај жените 38,3 години. Густината на населението во земјава е 80,1 жител на километар квадратен. Според процената на населението заклучно со 30 јуни 2011 година во земјава има 2.058.539 жители.

Очекувана должина на животот за лицата на возраст од 65 години и повеќе изнесува 13,9 години за мажите и 15,9 за жените. Забележано е позитивно поместување и кај мажите и кај жените, но сепак, жените имаат поголем очекуван век на живеење за 1.9 години во однос на мажите.

Во однос на стареењето на населението, во 2011 година, учеството на младото население (0-14 години) изнесува 17,3 отсто, додека учеството на старото население (65 и повеќе години) изнесува 11,8 отсто. Коефициентот на старосната зависност како сооднос меѓу вкупниот број лица кои се на возраст кога главно се економски неактивни (65 и повеќе години) и бројот на лица на работоспособна возраст (15 – 64) изнесува 16,6 отсто.

Промените во старосната структура на населението имаат своја рефлексија врз бројот на умрените лица во државата, кој во 2011 година е зголемен за 1,8 отсто во однос на претходната година и изнесува 19.465. Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 69,9 години, односно 74,4 години кај лицата од женски пол.

Како најзастапени причини за смрт се болестите на циркулаторниот систем кои се јавуваат со 59,2 отсто од вкупно умрените, неоплазмите со 18,2 отсто%, потоа умрените од ендокрини, нутритивни и метаболични болести со 3,9 отсто…

Стапката на смртност, како резултат на хроничните болести, изнесува 159 лица на 100.000 жители. Состојбата е подобрена кај жените, со стапка на смртност од 114,3 лица на сто илјади, во однос на мажите каде што стапката на смртност од хронични болести изнесува 202,2 починати.

Пристапот до здравствените услуги, не само од физички, туку и од економски, социјален или културен аспект, е од фундаментално значење за следењето на напредокот на здравствениот систем. Спроведувањето на политиката за имунизација е суштествено за намалување на појавата и смртноста од низа инфективни болести и е основен показател за ориентираноста на здравствената политика кон превентивна здравствена заштита. Процентот на имунизација од инфективни болести е висок и во текот на изминатите години континуирано изнесува над 95% кај децата на возраст до една година.

Според последните расположливи податоци  од 2010 година од Институтот за јавно здравје, во Република Македонија има 2,7 лекари на 1.000 жители, 1 стоматолог на 1000 жители и 4,6 болнички постели на 1.000 жители.

Би можело да ве интересира

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска

Кафето, алкохолот и месото се штетни за бубрезите

Ана Ололовска

Откриен досега непознат дел од човековата вилица

Ана Ололовска