Јапонија годината што изминува беше во фокусот на интерес на светот поради случувањата во најстарата династија на светот. Првпат по 200 години јапонски цар доброволно абдицираше и го предаде престолот на хризантемата на синот.
Абдикација на царот Акихито беше одобрена од страна на јапонската Влада, бидејќи според Уставот царот во Јапонија е симбол без политичка моќ. Но, во законот за јапонската царска куќа нема одредба за абдикација, затоа јапонската Влада донесе еднократен закон, со кој му се дозволи на Акихито да го отстапи престолот.
На 30 април 85-годишниот цар Акихито ја официјализираше претходно три години најавената абдикација поради возраста и влошеното здравје, а еден ден подоцна неговиот 59-годишен син Нарухито го презеде престолот.
Историски податоци за династијата на јапонските цареви датираат од четврти век. Јапонскиот цар со векови бил сметан за бог и никој не смеел да го погледне за да не ослепе. По капитуалцијата на Јапонија во 1945 година царот Хирохито му се обрати на народот, со што се откажа од боженското потекло, додека со Уставот од 1947 година му беше одземена политичката моќ, а доби и неколку ограничувања – да не може да се ожени со кого сака, не смее да поседува имот, да не изразува политички ставови и да не учествува во избори. Но, царот во Јапонија е симбол, како што во другите земји се знамето, грбот и химната.
Царот Акихито ќе остане запамтен како реформатор, кој го доближи царското семејство до Јапонците, се извини за улогата на Јапонија во Втората светска војна. Тој е и прв јапонски император чија сопруга Мичико нема благородничко потекло и одлучи да биде кремиран по смртта, што не е во согласност со традицијата.
Актуелниот 126 јапонски цар Нарухито по преземањето на тронот најави дека ќе продолжи со приближувањето на монархијата до граѓаните и со нејзини реформи.
Тој се обврза дека царската должност ќе ја извршува со целосна одговорност како симбол на државата и единството на јапонскиот народ со што почна новата ера Реива.
Нарухито е првиот јапонски цар кој е роден по Втората светска војна и прв кој е воспитуван од неговите родители. Нарухито се образувал на Оксфорд, додека неговата сопруга Масако има диплома од Харвард.
Крунисувањето на Нарухито се одржа на 22 октомври во царската палата на која присуствуваа околу 2.000 гости од 190 држави, меѓу кои и странски државници.
При устоличувањето на Нарухито тој заедно со неговата сопруга Масако посетија три светилишта во палатата за да им се поклонат на шинтоистичките богови. Престолот наречен Такамикура е 6,5 метри висока украсна структура. Престолот на хризантемата го добил името по цвеќето што се наоѓа на јапонскиот грб.
Нарухито и пред да стане цар истакнуваше дека верува оти монархијата мора да се прилагоди на времето.
Една од реформите на кои царот Нарухито ќе се посвети е наследувањето на тронот. По него има уште три машки членови на царското семејство во редот на наследување на тронот – 83-годишниот вујко, 53-годишниот брат и 12-годишниот внук. На жените од царското семејство не им е дозволено да го наследат престолот, откако ќе се омажат се откажуваат од титулата, така што ниту нивните деца не можат да го наследат престолот на хризамнтемата.
Претходно, царот Нарухито изјави дека откажувањето на женските членови од титулите може да влијае врз иднината на царското семејство, што беше протолкувано како негова желба за промени односно да се укине правилото за наследување по машка линија и да се дозвли брак на членовите на кралското семејство со „обичните“ луѓе. И резултатите од акентите покажуваат дека над 70 проценти од граѓаните ја поддржуваат идејата жена да стане император на Јапонија.