Градот Скопје и неговите жители добиваат нова Ботаничка градина која ќе се простира на 12.600 квадратни метри, и во која ќе бидат засадени над 4.600 уникатни дрвја и садници. Во Ботаничката градина ќе се постават видиковци, нова урбана опрема и бројни други содржини за посетителите.
Од Градот Скопје информираат дека е предвидено во градината, која ќе биде во рамки на Зоолошката градина во Скопје, да има автохтони видови растенија кои се природно распространети во државава, како и алохтони видови, односно растенија внесени однадвор. Исто така, ќе има и ендемични растенија специфични само за државава.
-Подигнувањето на Ботаничката градина ќе биде од исклучително значење за граѓаните љубители на природата и на природните науки, бидејќи на едно место посетителите ќе може да ги видат содржините на Природно-научниот музеј, Зоолошката и на новата Ботаничка градина, велат од Град Скопје.
Реализацијата на овој проект е дел од програмата „За Модерно Скопје“, за подигнување нови зелени површини, затоа што Скопје и неговите граѓани заслужуваат модерни и еколошки содржини кои ќе придонесуваат за унапредување на животната средина.