На седумдесет деца од згрижувачки семејства денеска во рамки на манифестацијата „Новогодишната елка на желби“ им беа исполнети желбите што ги посакале во изминатиот период.
Во рамки на манифестацијата, која се организира четврта година по ред од страна на Црвениот крст на Град Скопје, децата од згрижувачките семејства на „Новогодишната елка на желби“ ги закачуваат своите желби, а подароците им ги обезбедуваат компаниите и хуманите граѓани, со поддршка на Црвениот крст и Министерството за труд и социјална политика.
Деца сместени во згрижувачки семејства дојдоа да си ги подигнат исполнетите новогодишни желби. Јакни, топки, камиони, кукли, чоколади, книги, и пакетчиња беа желбите на децата, а за поголемо предновогодишно изненадување за децата од ТЦ Рамстор беше организирана и куклена претстава.
– Секое дете од згрижувачките семејства на елката за новогодишни желби во периодот пред новата година напиша која е неговата желба, а ние сите заедно се потрудивме да му ја исполниме, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Ова, додаде, е навистина една хумана активност бидејќи станува збор за деца кои се во специфична ситуација, деца кои немаат биолошки семејства и кои без нив останале не по своја вина.
Александра Валкановска од стручната служба на Црвениот крст на Град Скопје вели дека акцијата е реализирана со помош на волонтерите на Црвениот крст, но и секако со хуманоста на многу компании и граѓани.
– Ова е прекрасна активност, бидејќи насмевките на децата кои се внатре и кои почувствуваа дека нивната новогодишна желба станала реалност се непроценливи, истакна таа.
Децата од згрижувачки семејства се деца кои на еден или друг начин биле доведени во ризик од своите биолошки семејства, а државата интервенирала и ја презела грижата за нив.