Во последно време е забележано зголемување на бројот на родителите, кои не сакаат да ги делат фотографиите од своите деца и деталите од нивните животи на Фејсбук.
Речиси е невозможно да се избегнат фотографиите од мали деца на социјалните мрежи. Нашите пријатели, кои се родители често пати објавуваат фотографии, со кои ги овековечуваат првите чекори на нивните деца, првиот ден на училиште или пријатните часови поминати на летување или во зоолошка градина.
Сепак се повеќе родители во последно време овој дел од приватноста го задржуваат за себе или барем подалеку од Фејсбук. Причините се различни, а една од нив секако е злоупотребата.
Мајката богерка Викторија Меркис, која неодамна на својот блог го покрена ова прашање, го наведува примерот на американското семејство, чија фотографија е злоупотребена на неочекуван начин. Имено по враќањето од одмор, членовите на едно американско семејство објавиле на социјалните мрежи фотографии, а една од нив се нашла на излог во продавница во Чешка.
Веројатноста дека фотографијата на вашето дете ќе се најде во излог не е голема, но постојат и други можни сценарија за злоупотреба, е мислење на оваа мајка.
Со ова прашање неодамна се занимаваше и „Вашингтон пост“. Како што наведуваат новинарите од овој весник, родителите се се позагрижени за безбедноста на своите деца, како и за тоа дали компаниите ќе ги искористат фотографиите и податоците на нивните деца на одреден начин.
Од друга страна има и мајки и татковци, кои едноставно не сакаат да прават нешто за што нивните деца се уште не можат сами да одлучуваат, така што попрво ќе почекаат тие да пораснат доволно и сами да донесат одлуки за себе.