Се очекуваат 400 илјади посетители на „Пиво фест“ во Прилеп

Од:

Подготовките за 11-от фестивал на пивото „Пиво фест“ кој ќе се одржи од 18 до 21 јуни се при крај, најавија на денешната прес – конференција од локалната самоуправа на Прилеп.

На околу 4.000 метри квадратни ќе бидат поставени 28 штандови и сите четири фестивалски дена се очекуваат голем број гости од земјава и од странство.

– Од денеска булеварот во центарот на градот е затворен. Се поставува главната бина која е една од најголемите на ваква манифестација во регионот, се поставуваат штандовите, изјави градоначалникот Марјан Ристески.

Се очекува во просек по 100.000 гости, што значи сите четири дена вкупно околу 400.000 посетители на фестивалот од земјава и странство.

– На штандовите ќе се нуди вкусна скара и околу 20 видови пиво. Оваа е една од најголемите балкански манифестации. Најавени се и групи посетители од околните земји, од дипломатскиот кор, вели Ристески.

За забавата секоја фестивалска вечер ќе се погрижат голем број музички ѕвезди. Првата вечер ќе настапат Зафир Хаџиманов, Маја Оџаклиевска, Драган Мијалковски, Дани Димитровска, Ту Челос.

Втората фестивалска вечер е резервирана на Давид Нешкоски Трио, Санта Макарио Оркестар, Владо Георгиев и младата Ина. В сабота на „Пиво фест“ настапуваат Миле Кузмановски, Соња Тарчуловска, Данијела Мартиновиќ и Фалид Бешлиќ, а в недела на завршната вечер меѓу другите музички ѕвезди се Бјанка – Копенхаген Чалгија, Зоран Џорлев и музичката ѕвезда Горан Бреговиќ.

За гостите на располагање е и кампинг просторот во Паркот на револуцијата каде секојдневно тие може да добијат бесплатни кафе, чај и чорба.

Македонски железници ќе пуштат вонредни возови на релација Куманово-Скопје-Прилеп за оние кои решиле истата вечер да се враќаат.

Според локалната самоуправа резервирани се сите сместувачки капацитети во градот и околните Крушево и Битола. На располагање е и приватното сместување. Гостите ќе може да користат пајтони и пивски воз и да ги разгледаат знаменитостите на Прилеп.

– Секој ден на фестивалот ќе има посебна забава. Дополнително ќе се организираат натпревари во испиено пиво и изедена скара. По полноќ гостите ќе ги забавуваат повеќе ди-џеи, рече Ристески.

Според локалните власти се очекува годинашниов „Пиво фест“ да ги урне досегашните рекорди во испиено пиво и изедена скара.

Би можело да ве интересира

Прилепски „Пивофест“ од 18 до 21 јули

Ана Ололовска

Пиволенд прераснува во „Skopje beer fest“

Ана Ололовска

Прилеп подготвен за вечерното отворање на „Пивофест“

Ана Ололовска

Почнаа подготовките за „Пивофест 2018“

Ана Ололовска

Заврши 15. „Пивофест“ во Прилеп

Ана Ололовска

Последна вечер на „Пивофест“ во Прилеп

Наум Локоски