Родителите се загрижени кога нивното дете е повлечено и се прашуваат дали причината е поради проблеми во училиште или со врсниците, а можеби во прашање е карактерна особина.
Експертите наведуват дека постојат повеќе облици на повлеченост. Детето може да биде повлечено, но и да има развиено чувство на самодоверба – што значи дека успешно остварува контакти со луѓето околу себе, однесувањето му е пријатно и пристојно и тогаш нема причина за родителска грижа. На некои деца, а посебно на адолесцентите, не им требаат многу другари за да се чувствуваат добро и одлично да се забавуваат.
Постојат и деца кои се внимателни, па поспоро остваруваат контакти, всушност внимателно проценуваат дали некој му одговара за да се дружат. Потешко се зближуваат со другите, но нивните пријателства се стабилни, трајни и цврсти.
Психолозите посочуваат дека родителите треба да побараат стручна помош кога детето речиси панично одбива да разговара со постари лица или деца кои не ги познава. Исто така, децата кога избегнуваат контакт со очи, ја наведнуваат главата и ги стегаат дланките, најчесто се исполнети со страв или бес и имаат сериозни проблеми кои бараат разговор со психолог.
Причина за грижа е и ако детето не е комуникативно, бидејќи е многу несигурно во себе и најчесто избегнува друштво.
Родителите можат да помогнат така што ќе ги охрабруваат децата, не ги караат поради нивните грешки, не ги споредуваат со братот, сестрата или другарите. Родителите на таквите деца треба што почесто да иницираат дружење и играње со деца на различна возраст. Психолозите наведуваат и дека домашните миленичиња се одлични „терапевти“ за децата кои не знаат да се вклопат во друштво.