Најновото истражување на експертите од колеџот „Алберт Ајнштајн“, во кое се користи ослабена форма на бактеријата „листерија“ за спречување на ширењето рак на панкреас, дало позитивни резултати врз глувци. Ова откритие им дава надеж на сите болни од рак на панкреас.
Експерименталната терапија која се состои во инфицирање на клетките на ракот на панкреас со бактеријата „листерија“, чија задача е да емитува средство за уништување на туморот, се покажала ефикасна на лабораториските глувци.
Терапијата довела до запирање на метастазирањето на ракот на панкреас, но се уште не се знае даки на истиот начин ќе делува и кај луѓето.
– Засега можеме да кажеме дека имаме терапија која покажува одлични резултати кога станува збор за намалување на метастазите, изјави еден од авторите на студијата Клодија Грејвкамп, професор за микробиологија и имунологија.
За терапијата се користи ослабена форма на „листерија“, збогатена со радиоизотопи, кои се користат во лекување на канцер. Ваква радиоактивна бактерија ги напаѓа клетките на ракот, но не и здравите клетки.
Кај 90 отсто од лабораториските глувци со рак на панкреас по три недели од третманот не се појавиле знаци на ширење на канцерот. Засега не се воочени штетни ефекти од терапијата.