Иако бебињата го сакаат вниманието на родителите, не е потребно да ги анимирате цело време. Понекогаш е најдобро да ги пуштите да си играат сами.
Не само што бебето на тој начин ќе научи само да ужива во своето време, туку ова ќе му помогне и правилно да се развие. Таквите деца имаат поголема самодоверба, се посамостојни во подоцнежното детство и нема постојано да бараат нечие внимание.
Тоа секако не значи дека родителите треба да ги занемарат своите деца. Најважно е да се најде границата.
Педијатрите велат дека градењето на самостојноста од мали нозе е добра идеја.
Децата пред се сакаат да си играат со родителите, па затоа навикнувањето на самостојното играње може да биде малку потешко, но експертите советуваат воведување на оградата за бебиња уште од третиот месец, бидејќи подоцна ќе биде потешко детето да се навикне на таа пракса. Бебето тука може да си игра, да ползи, да истражува и со тоа да се развива.
Со тоа истражување и со соло играњето, бебињата од најмлади денови учат како самите да се снајдат во одредени ситуации, наместо да бараат помош од родителите или од некој друг. Во спротивно доколку родителите му посветуваат премногу внимание на детето, тоа може да порасне во пасивна личност.
Но имајте предвид дека самостојното играње кај децата трае кратко, а бебињата не го соопштуваат своето незадоволство на суптилен начин. Затоа детето со плачење ќе ве информира кога му е доста од соло играта.