Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х учествуваше во визуелните ефекти на филмот Трипл екс: Враќањето на Ксандер Кејџ со Вин Дизел во главната улога, чие прикажување почнува од вечерва во киното Синеплекс во Скопје.
Кристијан Даниловски, ко-сопственик и еден од основачите на ФХ3Х истакна дека на овој проект работеле од мај до септември 2016-та, со тим од околу 50 артисти.
– Годинава ја започнуваме со добра забава, во очекување на официјалните номинации за Оскар кои ќе ги дознаеме на 24 јануари. Во категоријата за најдобри визуелни ефекти од десетте филмови кандидати ФХ3Х учествуваше во ефектите на филмот „Патници“, изјави Даниловски.
Враќањето на Ксандер Кејџ е третиот дел од франшизата кој доаѓа по 12 години пауза. Приказната е за владиниот оперативец, Ксандер Кејџ, кој се враќа од самопрогонство прекинувајќи ја илузијата дека е мртов. Во обид да го повратат оружјето познато како Пандорината кутија и да спречат контролата врз воените сателити да падне во погрешни раце, Ксандер и тимот се судираат со Кјанг.