Најлесно е да им се налутите на тинејџерите, да им зборувате дека се невозможни, да се држите за глава заради нивното бунтовништво, но многу е попаметно да се обидете да ги разберете, велат авторите на една американска студија.
Факт е дека во тие години се тврдоглави и го менуваат расположението, се затвораат во себе, експериментираат со физичкиот изглед.
Проблемот е што голем број родители не размислуваат зошто нивните адолесценти се нервозни и дрски, туку ги обвинуваат, а психолозите велат дека клучот е воспоставување нормална комуникација.
Затоа, мајки и татковци, вратете си го филмот назад и сетете се низ какви маки сами сте поминувале во тие години. Тогаш ќе имате повеќе разбирање за нив, а тие ќе почнат да се отвараат кон вас.
Затоа што во тоа време, децата немат развиени вештини на соочување со проблемите, па единствено знаат да драматизираат и да се лутат, а несигурни и чувствителни се за многу работи:
– Промени на телото
– Императивот да го изградат личниот идентитет
– Односите со врсниците
– Се поголемите училишни обврски
– Притисоците од околината и обвинувањата за нешто за што сметаат дека не се виновни
– Неправда и уценување
– Недостиг на можност да ги изразат своите мислења
– Високите очекувања на родителите
– Првите љубови
Студијата, која е изработена на примерок од 967 американски семејства покажа дека строгата вербална дисциплина кај тинејџерите предизвикува уште полошо однесување во наредните години.
Затоа, наместо да се обвинуваат, подобро е да се прашаат со какви дилеми и проблеми се соочуваат, внимателно да се слушаат додека раскажуваат, да се насочуваат кон решение, без да им се наметнувате и задолжително да им покажете дека вие се грижите за нив.