Кога вашето дете ништо не го спречува да жонглира со топката, да скока под обрачите, да го удира тениското топче од ѕид, да оди на пливање и кога надвор врне – тоа е најсилен показател дека детето го сака спортот и сака да успее.
Како и се друго, така и во спортот важи правилото дека талентот е само пет отсто од успехот, а другото е: посветена работа, дисциплина, одрекување, среќа, смета Ивана Обрадовиќ, некогашна српска јуниорска шампионка во тенис, а сега успешен тренер.
Кога кај клубовите и националните тимови се нижат успесите, радостите, дочеците – тогаш спортскиот подем е во зенит, децата се запишуваат масовно во јуниорските клубови. Сепак, не успеваат сите во намерите.
Обрадовиќ истакнува дека моториката кај децата се забележува веднаш, но она што ги издвојува оние „избраните“, е упорноста и подготвеноста на посветена и напорна работа. Родителите, пак, често се покажуваат како „камен на сопнување”, па децата прерано „прегоруваат”, сето тоа им здодева, и се откажуваат.
– Денес, ми се чини, кај родителите желбата е многу поголема отколку кај децата, а голем проблем е и тоа што некои деца тренираат неколку спортови истовремено, истакнува тенисерката која признава дека иако порано била доста успешна, талентирана, не била доволно упорна.
Таа сепак вели дека мора да има поттик од родителите и тренерите, но да се одбере моментот и без туркање на границите на можностите.