На плоштадот „Македонија”, денеска ќе се слушаат песните на Тоше Проески, како потсетување на неговиот последен концерт одржан на истиот ден пред пет години.
Настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ ќе почне во 19:30 часот, со емитување на видео спотови на Тоше, а од 20 па се до 22:30 часот ќе бидат емитувани концертни настапи на Тоше, на плоштадот „Македонија“. За време на настанот ќе биде прикажан видео запис кој до сега не е емитуван за јавноста. Крајот ќе биде проследен со голем огномет.
Традиционално ќе се одржи и крводарителска акција организирана од Интернационалниот Тоше Проески фан-клуб форум и Црвениот Крст на град Скопје, поддржана од Меѓународната фондација „Тоше Проески“.
Под мотото „Јас штотуку спасив живот, а Вие?“ , во просториите на фондацијата „Никола Кљусев“ (веднаш до Дом на АРМ), во петок од 10 до 18 часот сите оние кои сакаат ќе може да го продолжат патот на хуманоста.
На 16-ти октомври 2007 година во сообраќајна несреќа во Хрватска загина Тоше Проески. Погребан е во родното Крушево, каде што во негова чест е изграден манастирот Свето Преображение и Спомен куќата на големиот уметник.